Македонија
5. August 2026 - 16:34

Готов е извештајот за 19-годишната родилка која остана неподвижна по царски рез

Државниот санитарен и здравствен инспекторат го заврши вонредниот надзор во три болници за случајот со 19 годишната Станка Михајлова која после породувањето со царски рез остана неподвижна.

Во изминатите два дена, била обезбедена медицинската документација за младата родилка од болниците во Штип, Струмица и Клиниката за неврологија во Скопје - изработен е извештај и веќе е пратен до Министерството за здравство. Проверката на здравствените установи ја побара Министерството од каде најавија дека по утврдување на целосната фактичка состојба ќе следат и заклучоци, а доколку е потребно, ќе бидат преземени и понатамошни дејствија.

Додека се чекаат резултатите од вонредниот инспекциски надзор, независна и темелна истрага побара Платформата за родова еднаквост. Велат дека внимателно го следат случајот со младата родилка и очекуваат институциите и здравствените работници да обезбедат почитување на правата и достоинството на пациентката.

„Особено е важно младата мајка да не биде изложена на било каков притисок, заплашување или влијание при давањето изјави и споделувањето на своите искуства. Ги повикуваме институциите да постапуваат со највисоко ниво на професионалност, одговорност и емпатија, имајќи предвид дека станува збор за млада жена и мајка која се соочува со сериозна животна ситуација и потреба од соодветна психолошка и институционална поддршка“, вели Салија Беќир Халим од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“.

Случајот во јавноста го отвори семејството на родилката. Нејзиниот свекор тврди дека компликациите започнале веднаш после породувањето со царски рез во штипската клиничка болница. Потоа, неговата снаа завршила во инвалидска количка и со денови била препраќана меѓу болниците во Скопје, Штип и Струмица.

Породувањето на 19 годишната Михајлова било извршено на 26 јуни во штипската болница. Таа е мајка на уште едно дете, старо три и пол години.