Формирана стручна комисија која ќе испитува дали има лекарски пропуст кај починатото дете од Кавадарци
Тројца професори педијатри од детската клиника ќе испитуваат дали има лекарски пропуст кај починатото 3 - годишно дете Блаже Стојанов од Кавадарци. Стручната комисија ја формирал заменик министерот за здравство и како што изјави докторите кои ги ангажирале не биле инволвирани во случајот. Уште денеска ќе ја посетат кавадаречка болница, а ќе извршат и надзор во Клиниката за детски болести, каде во вторникот наутро детето со приватно возило било донесено без знаци на живот.
- За извршениот надзор имаат рок од осум дена од почетокот на надзорот да достават извештај кој дополнително ќе содржи повеќе елементи и ќе биде констатирана фактичката состојба, изјави Јовица Андовски, замнеик министер за здравство.
Стручниот надзор следува откако во четвртокот ДСЗИ не констатираше административни недостатоци, но бидејќи не се надлежни за стручниот дел иницирале министерството да формира стручна комисија која треба да испита дали има лекарски пропусти при третманот.
Дали има одговорност кај здравствените лица кои таа вечер биле на смена ќе испитува и внатрешна комисија формирана од болницата во Кавадарци.
Семејството на починатото дете обвинува дека иако кај дежурната докторка инсистирале да бидат испратени веднаш со возило за Брза помош за Скопје, добиле само упат, а педијатарот им рекла дека детето било добро и можеле сами со приватен превоз да го носат на Клинички.
Таткото тврди дека синот го однеле во болницата во 3 часот во вторникот утрото, а во Скопје со автомобил на негов пријател тргнале околу 6.30, но по пат состојбата на малиот Блаже се влошила и кога стигнале на Детска детето веќе било починато.
За случајот бил известен и јавен обвинител. По добивањето на обдукцискиот извештај обвинителството ќе одлучи дали ќе покрене постапка.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар