Македонија
6. August 2025 - 16:44

Формално образование и за децата кои се на подолго болничко лекување – повеќе нема да губат настава

Од септември онлајн настава и за деца кои со недели лежат во болница или се на подолготрајно домашно лекување. Наставници кои ќе ги учат веќе одат на обуки а известувања има до сите училишта. Поради тежината на болеста и медицинскиот третман, овие пациенти досега беа дискриминирани, изоставени од основното образование и не одеа во чекор со нивните соученици.

Најголема група се на одделите за онкологија и хематологија на Детска клиника, каде во болничките соби престојуваат  најмалку по 6 месеци

-Дефинитивно, овие деца со канцер, покрај лекување во болница, се рехабилитираат во домашни услови. Наставникот определен за детето може да го посети во домот,  доколку има услови и дозволи здравствената состојба на детето, или преку онлајн да го совладуваат потребниот материјал, изјави Весна Јаневска, министер за образование и наука.

Од образование кажаа дека се направени законски измени и училиштата каде се запишаи децата кои се на лекување на Детска клиника ќе бидат вклучени во наставата. Инаку оваа иницијатива потекнува од здружението САНО, кои за тоа се борат веќе 10 години.

-Кај децата со малигни заболувања, третманот трае некогаш и до две години во зависност од самата патологија. Меѓутоа првите 6 месеци, се секако цело време, согласно протоколот за лекување, се приморани цело време да бидат на клиника, изјави Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.

-Нашите 10 години не се толку тешки како што е барем еден ден на дете во болница. Со овој проект, со воведувањето на формалното обраование, децата ќе имаат можност полесно и побрзо да оздрават и да се вратат кај своите другари, изјави Марија Вук – НВО САНО.

Освен за децата на Детска, од образование најавија дека прават анализи од септеври со овој вид на настава  да бидат опфатени и ученици кои беа повредени во големата трагедија во Кочани.