Македонија
10. December 2025 - 16:34

Филипче со резолуција против мигранти - Мицкоски му даде рок до пролет да најде барем еден мигрант

СДСМ ќе поднесе Резолуција во Парламентот за да спречи доаѓање на мигранти во Македонија. Иако владата потврди дека нема таков договор со Велика Британија, опозиционерот Филипче обвинува дека власта е обврзана да го прифати тоа во замена за 6 милијарди евра преку стратешкиот договор. Затоа го повика и мнозинството да ја поддржат Резолуцијата, во спротивно најави граѓански протести по државата.

По обвинувањата на СДСМ, Премиерот му даде рок на Филипче и неговите соработници до пролет да бараат мигранти кои се дел од договор со Велика Британија, ако најдат барем еден најави повлекување од политиката.  Но побара и јавно извинување од Филипче ако се покаже спротивното. 

И претседателката Силјановска Давкова тврди дека до неа не стигнале никакви информации за изградба на мигрантиски кампови. Ниту од британскиот амбасадор ниту од владата не добила информации дека за време на склучувањето на стратешкиот договор со Велика Британија, се договорило и прифаќање на мигранти во Македонија.

Филипче ја обвини владата дека од условениот кредит кој го добила со стратешкиот договор, веќе е потрошена една милијарда за затворање на сите долгови. Мицкоски му врати дека нема да има нови задолжувања за да се врати долгот. Само во првите пет дена од месецов , 10 милијарди се слеале, а до крајот на годината долгот ќе биде помал, од оној кој што сме го имале.