Свет
17. February 2025 - 20:07

Eвропските лидери за можноста за испраќање мировници во Украина

Европските лидери денеска во Париз се собраа на вонреден самит за да разговараат за нивната улога во иднината на Украина, откако Соединетите Американски Држави соопштија дека ќе одржат разговори со Русија за да се обидат да стават крај на тригодишната војна.

Лидерите пред средбата се изјаснија за можноста за испраќање мировници во Украина, пренесува БТА.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е подготвен да испрати британски војници во Украина за да бидат дел од можните мировни сили по завршувањето на војната. „Се соочуваме со тест кој се случува еднаш во генерација кога станува збор за националната безбедност“, рече Стармер.

„Мислам дека тука има позначаен елемент, а тоа е дека ова не се однесува само на линијата на фронтот во Украина. Станува збор за линијата на фронтот на Европа и на Британија. Ова е за нашата национална безбедност и мислам дека треба да направиме повеќе“, додаде тој.

Одговарајќи на прашањето дали германски војници ќе бидат распоредени како дел од евентуалната идна мировна мисија во Украина, канцеларот Олаф Шолц ја истакна важноста од силна украинска армија.

„Ова ќе биде огромна задача за Европа, за САД и за меѓународните партнери на нашата Алијанса“, рече Шолц додавајќи дека идните прашања за безбедносната структура ќе бидат разгледани кога ќе дојде време.

Полскиот премиер Доналд Туск рече дека „Полска ќе ја поддржи Украина, како и досега – организациски, во согласност со финансиските можности, во смисла на хуманитарна и воена помош“.

„Не предвидуваме испраќање полски војници на територијата на Украина. Ќе обезбедиме логистичка и политичка поддршка на земјите кои можеби ќе сакаат да дадат слични гаранции во иднина“, додаде тој.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон смета дека е „потребно да има многу јасен мандат за овие сили“.  „Мислам дека не можеме да го видиме тоа додека не продолжиме напред со овие преговори. Ние обично сме дел од зајакнувањето на безбедноста во нашиот дел од светот, така што предвидувам дека ќе бидеме дел од тоа и овој пат“, додаде тој.

„Треба да ја зголемиме воената поддршка за Украина, треба да произведеме повеќе и треба да го направиме тоа побрзо. А, потоа треба да ги укинеме ограничувањата за употреба на оружје за Украинците, за да можат всушност да се бранат од Русите без едната рака да им биде искривена зад грб“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.

Холандскиот премиер Дик Шоф за новинарите на Минхенската безбедносна конференција изјави дека „мора да има силен план, затоа што Холандија нема да се приклучи на ниту една иницијатива доколку нема јасна мисија“.

„Мора да има план и за следните чекори, според кои САД мора да ја задржат подготвеноста и да бидат подготвени да дејствуваат“, рече Шоф.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарез рече дела е „прерано е во овој момент да се зборува за распоредување мировни сили во Украина, бидејќи во оваа фаза нема мир“.

„Денес сум убеден дека Путин ќе продолжи да ја напаѓа и бомбардира Украина. Така што сега не гледам мир на хоризонтот“, додаде тој.