Свет
13. January 2025 - 13:02

ЕУ одвои уште 148 милиони евра за најранливите категории украински граѓани

Европска комисија донесе одлука за доделување на нова хуманитарна помош за Украина и за Молдавија во износ од 148 милиони евра намената за најранливите категории на украински граѓани погодени од руската агресија врз нивната земја.

 Како што соопшти ЕК, од оваа сума 140 милиони евра се наменети за Украина за хуманитарни проекти за обезбедување на храна, сместување, чиста вода, здравствена заштита и за справување со зимата.

Дополнително, останатите осум милиони евра се одвоени за поддршка на украинските бегалци во Молдавија и нивните молдавски домаќини во форма на паричната помош, како и за обезбедување здравствената заштита, образованието и психосоцијална поддршка.

 Според еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и управување со кризи Хаџа Лабиб, оваа помош е уште еден силен доказ дека ЕУ ги поддржува Украинците кога им е најпотребно.

 – Додека Русија ја продолжува својата суровост во налетот на зимата, ЕУ ја интензивира својата поддршка за да ги запали светлата и да обезбеди топли домови.

Ќе продолжиме да правиме се што е во наша моќ за да им помогнеме на погодените од оваа криза со сите наши партнери и украинските власти, порача еврокомесарката.

 Според Лабиб, која денеска престојува во Украина, војната на украинска територија претставува закана за „сите нас“ и затоа „мора да застанеме заедно во овој критичен момент за Европа“.

 Предвидено е Лабиб за време на престојот во Украина да се сретне со највисоките украински претставници, вклучително и со претседателот Володимир Зеленски, со кои ќе разговара за итните хуманитарни предизвици и стратешката распределба на помошта од ЕУ.

 Пред да пристигне во Киев, Лабиб го посети центарот на ЕУ во полскиот град Жешов, од каде преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ се обезбедува медицинска евакуација на критично болните пациенти од Украина и соседните земји.

Од неговото воспоставување во март 2022 година, па досега, преку овој центар во европските болници се префрлени околу 4,000 пациенти.

 Дополнителни во рамките на Механизмот за цивилна заштита, ЕУ достави над 150,000 тони помош за Украина, вклучително и генератори на електрична енергија, медицинска опрема, привремени објекти за сместување и системи за третман на вода.

Вкупната вредност на хуманитарната помош изнесува околу 1,1 милијарди евра.