Loading Video...
Балкан
1. April 2024 - 16:53

Eрдоган призна пораз

Историска победа на турската опозиција на локалните избори. Партијата на претседателот Ердоган ги загуби најголемите градови - Истанбул, Анкара и Измир, а загуби и во важните Бурса, Адана и Анталија.

Турските граѓани се незадоволни од моменталната економска ситуација и тоа според западните медиуми е пресвртница на локалните избори. Ердоган вели - ,,ова не е крај''.

Опозицијата сега ја гледа шансата за развластување на Ердоган по 21 година на премиерска и претседателска функција. Тешкиот пораз на Ердоган ја става Турција на раскрсница, со оглед на тоа што опозицијата сега добива можност убаво да се претстави пред граѓаните. А од друга страна, Ердоган има доволно време за да ја врати довербата во неговата партија пред претседателските избори.

Македонските експерти очекуваат ново бранување во политичкиот свет во Турција.

- Ова е прв национален пораз на владејачката Партија за правда и развој во Турција, што секако ќе поттикне бранување на партијата. Можно е да се очекува некаква промена во политиката на Ердоган, особено за подобрување на економската состојба на целата земја, изјави Митко Билјановски, новинар и уредник во Слободен печат.

Македонските експерти велат дека поразот на Ердоган нема многу да влијае на меѓународното позиционирање на Турција, но најверојатно ќе му ги расипе плановите на турскиот претседател за промена на Уставот и продлабочување на семејните вредности во државата. Со новиот Устав, Ердоган имаше план да си ја отвори вратата за да може да продолжи да владее и по 2028 година. 

Ердоган е на власт веќе 21 година. По градоначалничката функција во Истанбул, стана премиер во 2003-тата година, а потоа и претседател во 2014-тата.