Екс американскиот амбасадор во Белград: Бомбардирањето на Србија беше грешка
Поранешниот амбасадор на САД во Белград Вилијам Монтгомери во интервју за Данас вели дека ситуацијата во регионов „станува потенцијално насилна и нестабилна“.
„Постојат многу ситуации, особено во Косово, но и во Босна, каде што луѓето се многу лути едни на други и може да избувне насилство, и тоа е мојата поента, и затоа мислам дека треба да обрнеме поголемо внимание на тоа. Искрено, Западот …имаат други проблеми на кои треба да се фокусираат. Тие имаат огромни проблеми во Франција, Германија и САД, насекаде. И затоа, мислам, до одреден степен, го занемаруваат овој регион. И мислам дека тоа е грешка“.
Тој наведува дека таквата ситација ќе продолжи како што е сега.
„Загрижен сум дека ќе продолжи како што е сега, оставајќи ги тие земји, тие места, како земји од трета класа без силен економски раст, без шанса навистина да напредуваат, бидејќи мора да има промена. Значи, веројатниот лош исход е – нема промена, и сè ќе продолжи како порано. Најлошото сценарио е дека може да избувне насилство. На пример, сега ја имате ситуацијата во Босна во која е вклучен претседателот Додик, и тоа мора внимателно да се решава за да не доведе до насилство“.
Во врска со очекувањата на администрацијата на Трамп за Балканот тој вели дека имал големи очекувања.
„Имав големи очекувања бидејќи претседателот Трамп покажа низ целиот свет дека е подготвен да заземе нови позиции и да промени работи. И се надевав дека ќе го стори тоа сега на Балканот. Сè уште не, но остануваат повеќе од три години во неговата администрација. И навистина се надевам дека ќе се заинтересира, бидејќи со неговиот стил – ако види дека работите не функционираат како што треба, не се плаши да ги промени ако одлучи да го стори тоа“.
Монтгомери додава дека не гледа враќање на величењето на Караџиќ, Младиќ, Милошевиќ, Туѓман ниту на нивната политика.
„Не гледам враќање на нивната политика во регионот, точка. Не го гледам тоа. Не гледам. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше основан со специфична цел да донесе повеќе мир, безбедност и соработка во регионот. Тоа беше нивната наведена цел. И всушност, во случајот со овој регион, мислам дека тој не успеа во таа основна мисија затоа што Зоран Ѓинѓиќ беше убиен, делумно, барем делумно, поради потребата од соработка со Хашкиот трибунал. И мислам дека до ден-денес, мислењата во овој регион во врска со војната остануваат силни и поделени како и порано“.
Тој вели дека високиот претставник во Босна направил огромна грешка кога му се спротивставил на Додик.
„Тој го направи ова во соработка со поранешниот амбасадор на САД, кој сега го нема. Но, беше грешка што му се спротивстави бидејќи тоа само ја влоши ситуацијата. Можам да кажам дека и други високи претставници имаа проблеми со Додик и дека ЕУ им кажа да го остават тоа на мира, а овој висок претставник не го послуша тоа и создаде одредена нестабилност во регионот“, вели во интервјуто за Данас поранешниот американски амбасадор во Белград, Вилијам Монтгомери.
Запрашан за бомбардирањето на Србија во 1999 година тој вели:
„Мислам дека се случи затоа што Западот, а особено Медлин Олбрајт, нашата државна секретарка, го мразеше Милошевиќ и го обвинуваше за проблемите во Босна и Хрватска. И можам да ви кажам, десет години, од 1990 до 2000 година ние се грижевме за Косово. Зошто? Додека се водеа борбите во Хрватска и Босна, ние бевме загрижени за Косово. И тоа ме излудуваше затоа што сакав да посветам повеќе време и внимание на борбите што се водеа тогаш. Но, бевме загрижени затоа што, ако ги погледнете Босна и Хрватска, тоа насилство беше ограничено на тие места. Но, во Косово имаше секакви актери надвор од поранешна Југославија. Имаше од Бугарија, Грција, Македонија, Албанија – сите тие имаа интерес за Косово. И шансите војната во Косово да се прошири на тие други области беа навистина големи. Поминавме огромно време на тоа прашање. Имавме огромен број посети тука. Холбрук, други дојдоа, разговараа со Милошевиќ итн. Воспоставивме мировни сили во Косово итн., кои не беа навистина многу ефикасни. Но, сето тоа доведе до одлуката за бомбардирање на Белград. Па, потоа и Косово. И начинот на кој беше направено, жал ми е што морам да кажам, беше дека имаше состанок во Рамбује. На конференцијата учествуваа водачите на Ослободителната војска на Косово и Србите. И по неколку дена или повеќе, се појави документ потпишан од Ослободителната војска на Косово, а Србија одби да го потпише. Хенри Кисинџер директно рече дека ниедна влада во светот нема да го потпише тој документ бидејќи бараше да се дозволи околу 60.000 војници да поминат низ цела Србија, вклучително и Косово. И Кисинџер и другите рекоа дека никој нема да го потпише.
Значи, никој не потпиша. И следниот ден, започна бомбардирањето. И мислевме дека бомбардирањето ќе трае еден или два дена. И тогаш Милошевиќ ќе се освести и ќе рече: „Добро, ќе го направиме тоа“. Милошевиќ помисли: ќе бомбардираат еден или два дена, а потоа ќе застане и ќе се освестат. Двете страни погрешно проценија. Двете страни грешеа. И НАТО беше во таа позиција каде што мораше да работиме како луди за да го натераме НАТО да се согласи со бомбардирањето. Не беше лесно. Грција беше целосно против тоа. Некои други земји исто така беа целосно против тоа. Но, конечно го протуркавме. И тогаш проблемот стана, искрено, дека не можевме да го запреме бомбардирањето. Бидејќи ако го запревме, земјите од НАТО никогаш немаше да се согласат повторно да го започнат. Оваа глупава кампања, за која мислевме дека ќе трае два дена, продолжи. И секој ден мораше да наоѓаме нови цели, меѓу кои за жал беше и кинеската амбасада. Бидејќи ако го запревме бомбардирањето, никогаш повеќе не можевме да го започнеме. И тогаш донесовме некои ужасни одлуки. Мислам дека одлуката, на пример, да се бомбардира РТС, беше ужасна. Мислам, го објавивме тоа. Тие знаеја дека ќе го сториме тоа, но тоа беше лоша одлука. Но, во секој случај, затоа го продолживме бомбардирањето. И мислам дека целата работа, искрено, беше грешка“.
МИА
Ново на Сител
-
Екс американскиот амбасадор во Белград: Бомбардирањето на Србија беше грешка
-
18-годишник од Скопје обљубил малолетничка
-
Полицаец во дебарско враќајки го пиштолот од кој предходно пукал во футрола, си ја повредил ногата
-
Трамп очекува заложниците на Хамас да бидат ослободени в понеделник
-
Милевски: Освоивме голем бод против фаворитот Белгија
-
Ѓорѓиевски: „Скопје – град на слоеви, град на култура“ - проекти за Аквадуктот, Скупи, Чаршијата и Калето
-
Санкционирано лицето кое со службено возило на „Партизанска“ помина на две полни линии и користеше флешери
-
Трамп: Добитничката на Нобеловата награда за мир ми се јави и рече дека ја прифаќа во моја чест