Димитров во Брисел: Со влегувањето во НАТО ќе демонстрираме одлучност во креирање на отпорна безбедносна средина
Со влегувањето во НАТО, Северна Македонија ќе придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и ќе демонстрира одлучност во креирање на отпорна безбедносна средина, способна да се соочи со потенцијалните предизвици како во рамки на регионот, така и во поширокиот трансатлантски простор, укажа министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Брисел, кој претставува подготвителен состанок пред декемврискиот НАТО Самит во Лондон.
На состанокот, информираат од МНР, министерот Димитров имаше прилика да ја изнесе важноста која нашата земја му ја придава на членството во НАТО и да ги претстави позициите на Република Северна Македонија по однос на актуелните прашања за единството и безбедноста на трансатлантската заедница. Димитров ја акцентираше посветеноста на нашата држава на темите од клучно значење за Алијансата: праведна распределба на финансискиот товар, борбата против тероризмот, концептите на НАТО за одвраќање и одбрана и за проектирање на стабилност, контрибуција во меѓународните операции, справување со неконвенционалните безбедносни закани и др.
Тој изрази задоволство од динамиката и брзината со која се одвиваат националните процедури за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО, со што се исполнуваат заедничките очекувања на нашата земја и на сојузниците дека наскоро и формално ќе станеме членка на Алијансата. Притоа потсети дека речиси дведецениското силно партнерство меѓу нашата земја и НАТО е потврда за нашата детерминација и посветеност кон операциите и мисиите на НАТО, како и за прилагодувањето кон пристапот на НАТО за одговор на заканите во размер од 360 степени.
Димитров на состанокот реафирмираше дека Северна Македонија и како идна земја членка на НАТО ќе продолжи со напорите за развивање на националните капацитети во склад со заедничките способности на НАТО и на линија на политиките и потребите на Алијансата.
Во рамки на работната посета на Брисел, на маргините на состанокот на НАТО, Димитров оствари средби со високи претставници на Алијансата како и со повеќе колеги министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО: заменик-генерален секретар на НАТО – Мирчеа Џоана, МНР на Франција – Жан Ив Ле Дриан, МНР на Португалија – Аугусто Сантос Силва, МНР на Бугарија – Екатерина Захариева, МНР на Грција – Никос Дендиас, МНР на Луксембург – Жан Аселборн, МНР на Словенија – Миро Церар, МНР на Словачка – Мирослав Лајчак, МНР на Чешка – Томас Петжичек, МНР на Данска – Јепе Кофод, МНР на Полска – Јачек Чапутович и со МНР на Унгарија – Петер Сијарто.
На средбата со Заменикот генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана беше истакната подготвеноста на Алијансата на Самитот во Лондон да ја максимизира видливоста на лидерството, визијата и напорите кои Северна Македонија ги постави за исполнување на НАТО стратешката цел.
И покрај доминатниот фокус на НАТО прашањата, министерот Никола Димитров ја искористи можноста и на овие средби да обезбеди натамошна поддршка за позитивен исчекор и во поглед на нашата европска агенда. Средбата со грчкиот колега Никос Дендиас беше искористена и за подготовка и координација на активностите поврзани со претстојната посета на МНР Дендиас на Скопје, следната недела во вторник на 26 ноември.
Ново на Сител
-
Дачиќ: Човечки фактор е причина за сударот на возовите, најважно е дека нема загинати
-
Нетанјаху: Ќе ги донесеме сите заложници дома, живи или мртви
-
Девет повредени при судар на патнички и товарен воз во тунелот Вуков споменик-Панчевачки мост
-
Претседателот на Управен демантира дека врши притисок врз судиите кои одлучуваат за тужбите на Европскиот фронт
-
Израел ги негира обвинувањата за геноцид во Газа и вели дека прави се што може за да ги заштити цивилите
-
Одбиена тужбата на „Европски фронт“ за избирачкото место 1202 во Крушево, Управен треба да одлучи уште по 4 од 7 тужби
-
Управен суд ја одби тужбата на „Европски фронт“ за избирачкото место 1470 во Долнени
-
Европски фронт обвинува за јавен политички притисок врз Управниот суд