Македонија
3. јуни 2016 - 11:35

Делегација на СКСЗМ на саемот China Homelife во Турција

Бизнис делегација составена од 35 компании членки, а предводена од претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа, од 2-ри до 4-ти овој месец престојува во Истанбул, каде ќе ги презентираат своите бизниси на посетителите заинтересирани за третиот China Homelife саем за кинески производи, посветен на компании заинтересирани за проширување на нивниот бизнис во други земји.

Овој саем, како што е наведено во соопштението од Стопанската комора на Северозападна Македонија,  е организиран во соработка со Меѓународниот саем Меориент-Кина и Меѓународниот саем Синерџи-Турција.

На саемот се изложени повеќе од 700 изложувачи и 25.000 ексклузивни брендови со висок квалитет од Кина, квалификувани преку процесот на контрола на квалитет. Секоја година, за време на саемот China Homelife се собираат повеќе од 15.000 професионални посетители од цела Турција и регионот на Евроазија, каде исто така присуствуваат и голем број компании кои имаат соработка со компании од Кина (увоз, извоз, дистрибутери...).

За време на саемот компаниите ќе имаат средби со претставници на кинески компании кои изразија интерес да соработуваат со нашите компании. На саемот, домашните и странските компании ги промовираат своите бизниси и активности, со оглед на тоа дека кинескиот бизнис ја гледа Македонија како земја со голем потенцијал и капацитети за нова соработка во различни сектори на економијата.

- Оценувајќи ја организацијата на саемот како добра можност за презентација на компаниите и нашата земја како земја со многу извори и олеснувачка фискална политика, компаниите покажаа интерес за зголемување на увозот на кинески производи, исто колку што Кина покажа потенцијал за производство и желба да ги зголеми кинеските инвестиции во регионот, се додава во соопштението.

Саемот има за цел зајакнување на односите и интензивирање на соработката во сите области од заедничкиот интерес, што е одраз не само на позитивните движења во двете земји, туку создава и простор за уште поголемо зајакнување и проширување на оваа соработка во иднина.

Компаниите кои учествуваат на саемот од Македонија се: Oxa Group, Даути Комерц, Арб Комерц, Гипс Имобилија Дизајн, Трим&Лум, Адријус, Де Јуре, Доника Плус, БИМ АД, WVP Резултати за управување, Еуро Хендл, Трикогажа-Антигона, Агро Ели, Благој Ѓорев, Caseficio Cesarina, Р-металика МЛ-Гари, Јус МБ, Омер компанија, Еуроактива, Мотиви груп, 21 Медиа груп и други.