Дали Македонија ќе стане една изборна единица? Независните бараат кандидатура со 50 потписи
Советниците на СДСМ да ротираат со мандат од две години, ќе потпишуваат кодекс за однесување и ќе бидат санкционирани ако го прекршат. Филипче најавува партиски промени пред локалните избори. Опозицискиот лидер вели дека е подготвен да разговара и за предлогот на премиерот Мицкоски, Македонија да стане една изборна единица.
„Подготвени сме да разговараме за што било, меѓутоа тоа е работа во која треба да учествуваат сите политички партии затоа што не е само прашањето за една изборна единица, туку тука е и прашањето за цензусот, за отворените листи“, изјави Филипче.
Една изборна единица е повеќегодишно барање на помалите партии и независните граѓански организации, кое досега нема добиено поддршка од поголемите партии во Собранието. Но нивниот фокус денеска беа измени на Изборниот законик кој ќе овозможат независни кандидатури на локалните избори, откако Уставниот суд го укина прагот за собрани граѓански потписи.
За изборите кои треба да бидат распишани во јули во моментов нема никаква правна можност за независни кандидатури, па граѓанските организации денеска повикаа Министерството за правда што поскоро да ги поднесе измените во Собранието.
Нивното клучно барање е да се дозволи кандидатура со 50 граѓански потписи.
-Бараме да се донесе ново законско решение. Од Министерство за правда и до Собранието бараме да не вклучат во работната група за носење на законот, бидејќи имаме искуство и знаења и сме заинтересирани. Бараме дополнително, по искуство од претходните локални избори, на кои не дозволија нашите имиња, имињата на групите да стојат на ливчето. Да бидат вратени и имињата на групите до имињата на кандидатите, рече Јана Белчева, независни кандидати
Партиите засега немаат став за ова прашање бидејќи велат дека до нив официјално не е пристигната вакавата иницијатива.
Итно пополнување на правната празнина пред изборите побара и претседателот на Уставен по седницата пред 10 дена на која го укинаа прагот од 1% граѓански потписи за независните кандидати. Во спротивно порача дека ќе биде направена тешка повреда на Уставот, правниот поредок и човечковите права.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар