Македонија
8. April 2025 - 12:20

Црвен крст - Штип организира обуки за прва помош за заинтересирани граѓани, фирми и ученици

По трагедијата во Кочани, Црвен крст – Штип организира симулациски вежби и предавања за прва помош, за сите заинтересирани граѓани. Целта е да се надоградат знаењата за укажување на прва помош на лица кои имаат неопходна потреба од тоа. Обука се нуди и за компаниите и учениците од основните и средни училишта.

- Се спроведуваат и обуки по прва помош и за работни организации во просториите на Црвен крст – Штип. Секоја работна организација мора да има обучени лица за укажување на прва помош, согласно бројот на нивните вработени, како и организирање на симулациски вежби во соработка за образовните институции. Оваа недела во соработка со основните и средни училишта ќе се организираат дополнителни обуки по прва помош, како и симулациски вежби, изјави Деспина Димитровска, секретар на Црвен крст-Штип

Елементарните познавања за укажување на прва помош се од клучна важност при несреќи и кризни ситуации.

- Првата помош е вештина која треба да ја познава секој граѓанин, затоа што спасува животи. Црвениот крст како организација постојано работи и води грижа за здравјето и животот на луѓето, особено во време на несречи и катастрофи, додаде Димитровска

Во помагање при трагедијата во Кочани, Црвен крст веднаш се мобилизира и испрати 50 волонтери на терен, рапосредени во повеќе тимови. Отоврени се и телефонски линии за донации, со што помагаат на семејствата на настраданите во катастрофалниот пожар.