Свет
11. April 2025 - 11:51

ОН: Царините на Трамп се погубни за земјите во развој

Царините кои американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе за речиси целиот свет и контрамерките од други земји може да имаат „катастрофални“ последици за земјите во развој, предупреди денеска агенција на Обединетите нации.

Светската трговија би можела да падне меѓу три и седум отсто, а националниот БДП за 0,7 отсто. Земјите во развој ќе бидат најтешко погодени, предупреди Меѓународниот трговски центар (ИТЦ).

– Тоа е огромно, изјави извршната директорка на агенцијата на ОН, Памела Кок-Хамилтон.

– Ако ескалацијата меѓу Кина и САД продолжи, тоа ќе резултира со 80 отсто пад на трговијата меѓу двете земји, а домино ефектот од тоа може да биде катастрофален насекаде, истакна таа.

Глобалните пазари и денеска продолжија да се соочуваат со турбуленции, иако Трамп најави дека го одложува воведувањето царини за сите освен за Кина за 90 дена. Тој, пак, ги зголеми царините за оваа азиска земја на 145 отсто.

Пекинг одговори со контрацарини против САД, кои во моментов изнесуваат 125 проценти.