Македонија
12. April 2025 - 10:43

Бигорски ги кани верниците на одбележување на Цветници во црквата „Успение на Пресвета Богородица" во Дебар

Завршувајќи ја душеполезната Света и Велика Четириесетница, Свештената Бигорската Обител ги поканува верниците на заедничко одбележување на празникот на Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници, како најава за конечниот триумф на Животот над смртта. По тој повод, утре, со почеток во 8:30 часот, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ќе биде отслужена Божествена Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј.

Во црквата ќе биде изложена за поклонение  верната изобразба на чудотворната икона на Пресвета Богородица Гликофилуса (Слаткољубива, или Умиление), што се чува во светогорскиот манастир Филотеј, а која во Бигорскиит манастир пристигна деновиве.

- Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во  дебарската населба Варош, стариот дел на градот, е изградена во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија, вистински спомен на духовниот и градителски дострел на нашите предци од тој славен период, имајќи ги предвид и тешките општествени и економски услови и ограничувања, велат од обителта.

Порано била главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво, но и седиште на Дебарската митрополија, поради што и ден денес просторот пред црквата се нарекува митрополија. 

Според формата таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од XIX век. 

Минатата година, по иницијативата и заложбите на владиката Партениј и во соработка со црковниот одбор и благочестивите дебрани, врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи, со што беше заштитен неговиот покрив од прокиснување, беа санирани големите оштетувања во внатрешноста, комплетно беше реновиран црковниот трем и исто така, од страна на Бигорското братство беше извршено целосно очистување и украсување на црквата. 

- Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да ѝ направиме чест на Пресветата Владичица наша Богородица, заради оваа нејзина црква-паметник со големо историско и духовно значење, како и да им оддадеме чест и благодарност на богољубивите предци, коишто со голема пожртвуваност ни го оставиле тоа велелепно и свето наследство, нагласуваат од Свештената  бигорска обител.

Истакнуваат дека благослов да присуствуваат на богослужбите имаат сите оние кои молитвено сакаат да ги прослават овие големи празници, подготвувајќи се за Страдалната седмица на нашиот возљубен Спасител и Господ Исус Христос.