Јагленисани остатоци од најмалку 4 жртви се наоѓаат на улиците на грчкото село Мати, кое е уништено од пожар, соопшти репортер на Ројтерс.
Загинатите се во источниот дел на областа Атика, каде што дел од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во нивните автомобили и домовите, додека пак за дел, причината за смртта е давење, откако спас од огнената стихија, побарале во морето.
Во Грција, постои стравување дека во текот на денот, ќе се зголеми бројот на жртвите.
Цела ноќ, до рано утрово траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина, во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба, се спасуваа граѓани по морски пат. Според заменикот министер за поморство, Некатариос Санторињос, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“, спасила72 лица.
Околу 1 часот по полноќ во Атина влезе и последниот автобус со евакуираните 621 деца од летните кампови во организација на општина Атина.
Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер, како што вчера објави МИА, ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина. Кусо пред полноќ, Алексис Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.
Во гаснењето на пожарите, учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила , 7 канадери и 10 хеликоптери. Активни беа 3 жаришта, додека пак утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.