Loading Video...
Фудбал
19. November 2023 - 17:02

Англиските навивачи пристигнаа во Скопје - убедени се во победа на нивната репрезентација

Повеќе од 2300 навивачи на Англија пристигнаа во Скопје за во живо да го следат утрешниот натпревар против македонската фудбалска репрезентација за пласман на ЕУРО 2024-та. 

Голем број фанови на “Гордиот Албион” денеска напладне во хотелот „Холидеј Ин“ организирано си ги подигнуваа веќе купените билети. Убедени се во победа на нивната репрезентација, но прогнозираат дека нема да биде со толку многу голови како во јуни во Манчестер кога Македонија беше поразена 7:0 во првиот меѓусебен дуел од овие квалификации.

На местата каде се движеа англиските навивачи во центарот на градот имаше полициско присуство.

Во пресрет на утрешниот меч Британската амбасада во Скопје на социјалните мрежи објави информации за нивните државјани кои веќе се дојдени во Македонија за да го следат натпреварот. 

Имале вкупно 2332 билети по цена од околу 10 евра.

Задолжително со себе да носат документи за лична идентификација и пари во кеш зошто, како што пишуваат од Британската амбасада, повеќето кафетерии и ресторани во главниот град немале терминали за плаќање со картичка.

- Таблата за женскиот тоалет внатре во стадионот можеби не е јасна. Побаравме тоалетот да биде уреден за да не го користат мажи, стои во објавата од амбасадата.

Има и меил адреси и телефони на кои англиските навивачи можат да пријават насилство и навредливо однесување за време и по натпреварот. 

Од амбасадата како и секогаш кога одат во странство бараат нивните државјани кои се дојдени во Скопје да се однесуваат со почит кон градот и населението за да не се соочат со санкции.