Македонија
22. November 2024 - 19:53

Андовски: Граѓаните навреме да ги откажуваат термините за снимање за да не се создаваат листи на чекање

Тешко доаѓаат до термин за компјутер или магнет и не се појавуваат на закажаното снимање. Според податоците од министерството за здравство само во Скопје во последните два месеци од околу 4000 закажани пациенти за компјутерска томографија, речиси 1000 не дошле и не го откажале терминот. Слична е ситуацијата и со закажаните снимања на магнетна резонанца. Заменик министерот апелира граѓаните кои не се во можност да дојдат во определеното време да информираат со смс порака или преку матичниот барем еден ден претходно за да им се отстапи простор на останати пациенти кои имаат потреба од истата услуга.Во меѓувреме здравствените власти бараат начин за решение на овој проблем, но на почеток нема да одат со казни што е случај во многу европски држави ако два пати не се појави на терминот следниот пат приватно да си плати или да добие казна.

- Ние не би сакале да одиме со такви реперкусии. Првин ќе апелираме, ќе видиме, ќе разговараме и со докторите, ќе разговарме и преку здруженијата на пациентите, ќе апелираме. Тоа е последно што може да направиме, изјави Јовица Андовски, заменик министер за здравство.

Освен за дијагностичките процедури околу 7000 граѓани иако се пријавиле не се појавиле на закажаниот термин за вакцинација против сезонски грип. Истите уште еднаш ќе бидат повикани преку матичните.

- Од Министерството за здравство веќе е испратен допис до матичните лекари со список на пациенти кои се регистрирале, но не дошле на терминот за вакцинација. Тие имаат можност да се вакцинираат во следниот период, појасни Андовски.

Досега против грип се вакцинирани над 66.600 граѓани, повеќето се над 65 години и со хронични заболувања, што е најмногу споредено со претходните години.