Македонија
16. October 2024 - 16:48

17 години без Тоше

Македонија и Балканот се сеќаават на Тоше. 17 години од смртта на нашата најголема музичка ѕвезда кој на денешен ден го загуби животот во трагичната несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. И годинава 14 маратонци го истрчаа 17-тиот маратон во чест на Тоше и денес напладне пристигнаа во Крушево. Маратонците беа пречекани со 500 рози.

„Фала му на Бога, фала му на Тоше што не чуваше, не послужи оваа година и времето и сите живи и здрави дојдовме да му оддадеме посебна почит“, рече Наум Капрически, маратонец.

„Ова ми е прво учество на овој ултра маратон за Тоше Проески, многу чувства, многу емоција, ова стварно се доживува, не може да се опише“, кажа Мартин Трајаноски, маратонец.

Во Крушево имаше дојдено огромен број фанови кои го чуваат неговиот спомен, лик и дело.

„Физички го нема, меѓутоа Тоше постои и ќе постои цел век. Јас имам цедиња кои ги купував додека беше жив, мојата соба беше цела со слики од Тоше.

Останаа многу страници ненапишани, многу песни неиспеани, многу приказни нераскажани“, рекоа дел од фановите.

Градоналникот на Крушево повика Тоше да продолжи да биде фактор кој ќе сплотува повторно балканските народи.

„Сакаме да прикажеме уште еднаш хуманост, солидарност, заедништво, најпрво према нашето месно население, а потоа и врз целата држава и целиот Балкан да се спои заедно“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Спомен домот Тодор Проески подготвува голем настан на 10 ноември во Загреб каде ќе бидат изложени за прв пат негови лични предмети и облека.

„Кој што има за цел 4 гардероби, 4 облеки кои Тоше ги носеше на концертите и настапите во Хрватска да ги претставиме пред хрватската публика. Ќе бидат и наградите кои Тоше ги доби од хрватската публика, неговата патна торба, лаптопот, гитарите...“, додаде Лефкија Гажоска, директора на Спомен дом Тодор Проески.

Инаку Спомен домот Тодор Проески убедливо и понатаму останува најпосетениот музеј на Балканот.