Македонија
19. March 2026 - 12:34

100 пати подадена рака, хуманост на дело

Штипјанецот Трајанче Јанев не брои денови, брои спасени животи. Повеќе од сто пати ја подал раката и дарувал крв, почнувајќи уште од младоста, а денес, на секои три месеци повторно се враќа со иста мисија, некаде, некому, да му даде нова шанса за живот. Неговата крвна група е раритетна, но неговата хуманост уште поретка. Вели, токму затоа не се двоуми ниту еден миг кога е најпотребно. За него, ова не е обврска, туку чувство што го исполнува одвнатре.

-Далечната 1992 година прв пат дарував крв и би сакал секој здрав човек барем еднаш во годината да дарува крв, не мора повеќе. Со тоа се спасуваат човечки животи, зашто никогаш не знаеме, на кој и во кое време ќе му биде потребна крв. Инаку, јас сум нулта негатив и во болницата сум на повик, изјави Трајанче Јанев, крводарител од Штип.

И тука не застанува приказната. Хуманоста продолжува, неговиот син веќе чекори по истиот пат, носејќи ја лекцијата дека најголемото богатство е да помогнеш.

-Нашиот син кој се уште нема полни 19 години, досега 4 пати има дарувано крв, додаде Трајан.

Од Трансфузиона медицина во Штип велат, бројките растат, но потребата никогаш не запира.

-Особено радува фактот што се зголемува бројот на редовни крводарители, но мотив и цел во 2026-та година ни е, да го зголемиме бројот на првократни, односно млади крводарители, ученици и студенти да се вклучат на оваа хумана мисија, изјави д-р Мери Шорова, раководителка на РЦ за Трансфузиона медицина- Штип.

На крводарителите со 50, 75 и 100 крводарувања, општина Штип им додели благодарници и пригодни награди.