Бизнис
15. August 2015 - 20:19

Зоната Ќојлија подготвена за нови инвеститори

Премиерот Никола Груевски денеска ја посети индустриската зона Ќојлија во која се инвестираат 50.000 евра за изградба на канализациската мрежа.

- Општината инвестира за изградба на водоводна мрежа, улиците се веќе тампонирани, ЕВН во фази пушта струја, така што работите во зоната се одвиваат добро, рече Груевски.

Во самата зона, како што нагласи, повеќе инвеститори работат на своите објекти. - Во завршна фаза е новата фабрика на македонско-австриската фирма „Квенбергер“. Паралелно со неа италијанската инвестиција односно новата болница на Еуроиталија до Нова година се очекува делумно да почне со работа. Тоа ќе овозможи нови вработувања, а болницата се очекува да донесе врвна опрема и дополнителен квалитет во здравственото лекување во Македонија и во наредните години да отвори нови околу 250 работни места, истакна Груевски.

Тој  додаде дека Владата ќе ги обезбеди сите потребни процедури за проширување на зоната и отворање можности за влез на нови инвеститори и отворање нови работни места за жителите на Петровец.

Премиерот информира дека досега во општина Петровец се реализирани повеќе проекти, како патот Ржаничино - Таор, Ржаничино - Долно Коњари - Средно Коњари - Горно Коњари и Сушица, патот до излезот на Петровец, патот од влезот до излезот на Ржаничино. Пред две недели заврши и асфалтирањето на делот од регионалниот пат Петровец - Ржаничино. Изградени се фудбалски игралишта во Петровец, Долно, Средно и Горно Коњари, спортско игралиште во Ржаничино, нова трафостаница „Петровец“, нова амбуланта во Катланово, ново училиште „Кочо Рацин“, нова училишна спортска сала и нови тениски терени.

- Во наредниот период ќе ја градиме новата водоводна мрежа за Блок 6 во Ржаничино. За овој проект имаме одобрено 35 милиони денари и наскоро ќе почне реализацијата, рече Груевски.

Додаде дека се издвоени 15 милиони денари за да се асфалтираат улицата од Петровец до гробиштата во Петровец и улицата од Ржаничино до гробиштата во Ржаничино. Овој проект ќе почне да се реализира во наредните неколку месеци.