Македонија
2. November 2022 - 13:29

ЗНМ и ССНМ: Веднаш да се усвојат измени на Кривичниот законик за заштита на новинарите, во спротивно бојкот

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) по повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите бараат од политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите на Кривичниот законик со што ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Во спротивно велат дека ќе го променат форматот на однесување и по Нова година тој ќе се премине во бојкот.

– Речиси година и половина чекаме пратениците во Собранието да се одважат и да се соберат за да ги изгласат измените во Кривичниот законик, наместо да се занимаваат со нивните бескрајни политички игри. Бараме тие веднаш да бидат ставени на дневен ред и да бидат изгласани, во спротивно ќе сфатиме дека слободата на новинарите, снимателите и медиумските работници не е приоритет на ова Собрание, истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски на денешната прес-конференција пред Собранието.

Додаде дека усвојувањето на овие промени е од јавен интерес бидејќи безбедноста на новинарите, како што рече, е се уште кршлива.

– Во 2020 година имаше 14 напади врз новинари од кои осум беа врз новинарки, а само два се решени со судска пресуда. Во 2021 година од пет напади три беа врз новинарки, во 2022 година досега имаме шест напади врз новинари и медиумски работници. Ова е само бројката којашто е пријавена, дел од колегите не ги пријавуваат нападите, што носи ризик од цензура и автоцензура, информираше Чадиковски кој потсети дека за разлика од политичарите кои добиле правда за случајот 27 април, новинарите се се уште обесправени.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски, рече дека денес се навршуваат точно пет години од почетокот на иницијативата за измени на Кривичниот законик, со кој новинарите и медиумските работници би добиле поголема заштита односно нападите врз нив би се третирале по службена должност од страна на Обвинителството и државните институции.

– А денес навршуваат 17 месеци откако Владата односно Министерството за правда ги испрати овие измени Собранието за нивно усвојување – резултат нема. Нападите, без разлика во каква форма се, се уште ги броиме и пријавуваме, и се без резултат на крајот, што најмногу не загрижува. Неказнивоста продолжува. Затоа уште еднаш по којзнае по кој пат потсетуваме на изборните ветувања дека законските измени кои се однесуваат на нападите врз новинарите треба итно да бидат спроведени, истакна Беловски и ги повика пратениците итно да направат се што е дел од процедурата и да ги изгласаат измените на Кривичниот законик.

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, Беловски информираше дека ССНМ и ЗНМ се приклучуваат кон глобалната иницијатива на Меѓународната федерација на новинари и ја повикаа македонската Влада да го подржи усвојувањето на Конвенцијата на Обединетите Нации за безбедност и независност на новинарите и другите медиумски професионалци.

– Ова е втор ваков настан што се одбележува во овој формат и ако не бидат ислушани нашите пораки ќе мораме да го промениме форматот и не ни останува ништо друго туку по новата година да излеземе и да останеме после ваков настан пред собранието се додека не ни се изгласат законските измени, подвлече претседателот на ССНМ.

Освен тој закон Чадиковски информираше дека уште еден предлог закон за новинарските права и слободи чека да биде усвоен – Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда каде што според усвоениот текст на Предлог законот, како што посочи, казните за новинарите за клевета и навреда се намалуваат петкратно од претходните суми.