Зибери бара најстрога казна за пијана службеничка која врзувала деца во домот за доенчиња
37-годишна вработена во Домот за доенчиња во Битола во алкохолизирана состојба ги запоставила децата во еден од малите групни домови, а едно од нив, дете со попреченост, го врзала за креветот.
Таа е приведена, а од битолската полиција велат дека ќе следува и кривична пријава.
Од Министерството за труд и социјална политика покренале дисциплинска постапка, детето било прегледано од лекар и утврдена е добра психо - физичка состојба.
За овој случај по сопствена иницијатива предмет отвори и Народниот правобранител, извршиле увид во установата и биле констатирани низа проблеми во постапувањето на вработената.
-Забележано е дека ги злоставува децата, била под дејство на алкохол, била неуредна и едно од децата, тие деца се со попреченост, го имала врзано за креветот. Ние упативме препорака до институцијата за преземање соодветни мерки и од установата бевме известени дека е постапено, дека лицето е суспендирано од работа и најверојатно ќе прекине работниот однос, вели Насер Зибери, Народен правобранител.
Ваквото постапување претставува тешка повреда на децата, особено кон лицата со попреченост, вели Зибери. Затоа е потребно надлежните институции, особено Министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјална работа повеќе да внимаваат, затоа што процесот на сместување во помали групи иако е предност, често пати се надвор од контрола од раководството на установата за згрижување.
-Нашиот апел до установата беше за почести контроли на сите места каде што се сместени овие деца, особено децата со пречки во развојот. Второ, при вработување на лица кои се грижат за овие деца да се води посебна сметка вработените да не користат алкохол и други недозволиви средства на работа, вели Зибери.
Најавува дека нивните надзори и понатаму ќе продолжат и ќе го следат случајот кој се следи и од надлежните истражни органи.
Инаку, Домот за доенчиња и мали деца пред три години се трансформираше во пет мали групни домови на различни локации во Битола, со цел децата да добијат топол и семеен дом.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
