„Живи ќе изгоревме“, вели патничка од автобусот на ЈСП кој се запали во Сопиште
Целосно изгоре автобус на ЈСП. Пожарот избувнал додека се движел кај кружниот тек во Сопиште. Во него се возеле десетина патници.
„Eдно лице вдишило чад и на местото му е укажана помош од екипа на Итна медицинска помош, а други повредени лица нема“, велат од МВР за Сител.
Една од патниците била и Лила Младеновска. Пред нашата камера раскажа дека огнот го забележал возач на комбе кое се движело позади автобусот.
„Шоферот вика гориме. Се создаде паника. Почна да чади, имаше пламен. Среќа на шоферот му текна одма да ги отвори вратите и излеговме веднаш. Беше многу тесно. Една жена падна пред нас. Ние врз неа. Јас со торбите од пазар, ми останаа во автобусите, само да се спасам. Само што излеговме се слушна едно четири-пет пати како бомби. Пламен и дим имаше до горе. Страшно беше. Се возиме со автобуси крш. Крш! Колку пати на сред пат не оставаат, а сега и живи ќе изгоревме. Беше за секунда да излеземе. Нозете ми се фатија, едвај излегов.“- Лила Младеновска
Меѓу локалните жители кои беа излезени надвор од своите домови за да видат што се случило беше и директорот на ЈСП. Тој, пак, се сомнева во политичка позадина.
„Имаме некои сознанија, но ќе оставиме да видиме дали се политички мотивирани или како овие работи се случуваат бидејќи овој автобус бил еден од подобрите и исправен. Најверојатно е проблем со инсталацијата. Овој автобус стои тука, не се повлекува во базата бидејќи е вон градот и навечер стои тука. Повикани се вешти лица утврдиме кои се деталните причини за ова“ – Драги Кушовски, директор на ЈСП
Автобусот изгоре во близина на приватни куќи и дрвја, но благодарение на брзата реакција, огнонот не се прошири.
Противпожарните екипи веднаш излегле на терен. Интервенирано е со две возила и осум пожарникари.
Во последните неколку месеци често се случува автобус на ЈСП да се расипе или запали на сред пат. Посериозен инцидент се случи минатото лето кога автобус се заби во жардиниера. Тогаш возачот кажа дека изгубил контрола бидејќи му се закочил воланот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар