Жителите на Злокуќани се гушат во чад, но инстуциите не одговараат на пријавите
Неподнослива миризба од запалени гуми и пластика и премногу гласна музика е секојдневието во скопската населба Злокуќани. Жителите велат дека веќе долго време имаат проблем со однесувањето на неколку соседи кои постојано го кршат законот и го нарушуваат јавниот ред и мир.
Дека станува навистина неподносливо да се живее во Злокуќани потврдува и градоначалникот на општина Карпош, кој вели дека локалната власт нема доволно надлежност да дејствува на терен.
Жителите се револтирани и од полицијата, која, како што велат, не реагира иако пријавуваат секојдневно по неколку пати. „Ние сме двајца, а соседите кои што го вршат нарушувањето се повеќе од стотина луѓе“, „Не можеме ништо да сториме“, биле дел од одговорите од полицајците кои излегле на терен.
Сител побара одговор и од МВР.
„МВР постапува по сите пријави на граѓани за нарушување на јавниот ред и мир без оглед дали станува збор за во Скопје или на друго место во државата и тие соодветно се расчистуваат“, пишува во одговорот од МВР.
Во очекување да се реши нивниот проблем, граѓаните најавуваат дека правдата ќе ја бараат по судски пат.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
