Жените земјоделки секоја година се соочуваат со истите проблеми
Ѓомлезе, ајвар, мед, разни видови на сирења, домашно чадено месо, костени, џемови, лековите ликери и разни рачни изработки и годинава беа дел и од Саемот на земјоделски производи Домашно.мк кој во Прилеп традиционално се организира по повод 15 октомври Меѓународниот ден на жените од руралните средини. Организаторите, ЛАГ АГРО ЛИДЕР, велат дека и по години укажување жените земјоделки се уште се соочуваат со истите проблеми.
„Како што е пристап до социјални и здравствени услуги, пристап до можност за економско растење на руралните жени. Вистинската реалност денес е дека руралните жени и нивното значење не се препознаени во нашата држава и треба повеќе да се работи да се обезбеди поддршка за нив и да им се овозможи социоекономски развој“, истакна Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Жените земјоделки велат дека само организирани и здружени може да се изборат за своето место. Велат дека граѓаните се повеќе сакаат да купуваат директно од производителите.
„Овие саеми, манифестации, настани, за презентација на она што може вредните раце на руралната жена да го направи се само доказ дека треба да се оди по тој пат, но со поддршка на централните и локалните власти“, вели Гордана Цветаноска, земјоделка.
„Произведувам јаболкова киселина, џемови, компоти, слатка, многу ми се бараат производите, особено јаболковата киселина“, кажа Павлина Јованоска, земјоделка.
„Предизвикот е голем, затоа што и мајка на 3 деца и сопруга, тешко е но на село мора да се работи, да се произведува па да се дојде до една скромна егзистенција за денешно време. Имаме редовни муштерии, кои постојано ни барата од производството“, додаде Соња Пусоска, земјоделка.
Дел од земјоделците, како оние од Порече се пожалија дека немаат поддршка од државата за развој на оваа гранка во еден од најјеколошките краеви во Европа, оставени биле сами на себе, а плодови имало во изобилие кои се барале насекаде.
„Има и козарски фарми, има и фарми за лешници, за ореви и костен. Но не моѓат да отидат луѓето. Сега да видите што се случува таму, луѓето на рамо ги носат костените и по 2 км. Нема пат, не оди автомибил, под број еден државата треба да обезбеди пристапни патишта до фармите“, изјави Mитре Јосифоски, земјоделец од Поречието.
Овие манифестации придонесуваат да се промовира значењето кое што го има руралната жена за развој на заедницата, а исто така и промоција на културата и традицијата на нашето поднебје.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар