Македонија
24. July 2021 - 16:57

Земјоделците ја блокираа работата на експресниот пат за Кочани

Жителите на три села Соколарци, Спанчево и Бања во општина Чешиново- Облешево денеска излегоа на протест и на два часа ја стопираа изградбата на експресниот пат Штип – Кочани. Револтирани се зашто трасата минува или поточно го сече локалниот пат по кој стигнуваат до оризовите полиња. Бараат или да се изгради надвозник или спореден пат.

- Немаме никаков пристап од никаде – изјави Јоце Митров, Жител на С. Спачево

- Да откупат земјиште за да имаме премин од с. Бање до с. Соколарци- изјави- Тоде Трендафилов, жител на С. Спанчево

- Инаку, вака сме „слепо црево“ со полето, неповрзани и треба да го оставиме полето не обработено-изјави Јоранчо Лефков, жител на С, Спанчево.

Мештаните уште пред една година го известиле ЈП за Државни патишта, изведувачот и надзорот, но досега не добиле никаков одговор. Помош побарале и од локалната самоуправа, меѓутоа изградбата на експресниот пат не е под ингеренции на општината.

- Луѓето навистина не можат да ја обработуваат земјата. Сега, за 2 месеци ќе има жетва, нема од каде да го изнесат оризот, нема решение-изјави Горанчо Крстев, градоначалник на О. Чешиново - Облешево.

На протестот беше повикан и надзорот.                     

- Сегашната состојба кои што присутните ја искажуваат е реална и суштината е дека тој агро пат, како што го викаме, кој треба да минува паралелно со експресниот пат во проектот не е предвиден- изјави Предраг Чоловиќ, надзор на експресен пат Штип-Кочани.

Бидејќи се работи за егзистенцијално прашање, доколку во најскоро време не се најде решение, земјоделците ќе бидат приморани да преземат радикални мерки.

- Доаѓаме сите заеднички, ќе ја срушиме заштитната мрежа и ќе си направиме сопствен пат, а потоа дали ќе одиме во затвор или каде, ние сме повеќе од 60 години земјоделци, а младите си побегнаа токму од тие причини- изјави Лефков

Од надзорот добија понуда да се изврши дополнителна експропријација, процес што ќе трае многу долго или да им се одземе дел од имотите без надомест, на што мештаните бурно реагираа.