Македонија
24. April 2025 - 16:46

Земале мито, па изготвувале документација за наводни прегледи, контроли и извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице

23 приведени е исходот од вчерашната акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Бирото за јавна безбедност поради сомнение за злоупотреби со финансиска помош за туѓа нега за лице и за инвалидски пензии. 

Поранешна докторка од Клиниката за уво, нос и грло во Скопје е во центарот на шемата. Како што соопштија двете институции, таа формирала две криминални групи кои добивале мито, а за возврат лажирале медицинска документација и ги воделе постапките за обезбедување на социјалните права. Во шемата влезени биле лекари од Уво, нос и грло, Неврологија, ЈЗУ општа болница Велес, Психијатрија, но и вешто лице, членови на Комисијата за оцена на работна способност, адвокат, но и други службеници.

Постапките за остварување на право на туѓа нега оделе преку Велес. Барателите давале мито кај матични доктори од овој град. Без воопшто да се појават на лекар биле креирани и издавани документи за фиктивни упати, прегледи, отпусни листи, медицински извештаи, контроли, психолошки тестови, конзилијарни мислења, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација. Токму таа документација се користела во постапката за митаџиите успешно да добијат право на туѓа нега.

Паралелно, истата поранешна докторка од Уво, нос и грло заедно со член на Комисијата која утврдува неспособност за работа при Министерството за труд и социјала и уште 12 други лица на идентичен начин земале мито од барателите, а за возврат воделе успешна постапка за тие да добијат инвалидска пензија.

При вчерашните претреси пронајдени и одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефони, нотеси со податоци на должници, но и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати.
Министерот за здравство дава поддршка на истражните органи да го усчистат здравствениот сектор од корумпираните лекари.

-Знам јас, имам информации дека има такви феномени. Не сакам да генерализирам, не се сите доктори такви. Меѓутоа, таму кадешто постојат сомнежи ги поддржувам со сета почит и стоиме како Министерство за здравство тука да им помогнеме во сите вакви акции за да се исчисти со криминалот и корупцијата, рече Таравари. 

Во истрагата опфатени се вкупно 49 лица. Осомничените ќе се гонат за вкупно пет кривични дела. А Јавниот обвинител од Судот бара притвор за 12 осомничени, за тројца бара куќен притвор, а за останатите предложени се мерки на претпазливост.

На почетокот на месецов за мито беше приведен и директорот на болницата за Геријатрија кој беше фатен како прима 20.000 евра за да смести пациент.