Зеленски: Утре нови преговори со Русија, можно е планирање средба со Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека следната рунда мировни преговори меѓу Киев и Москва е закажана за утре и дека Украина ќе инсистира на размена на воени заробеници, враќање на украински деца однесени во Русија и подготовка на состанок меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.
– Со секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров разговарав за подготовка на нова размена на заробеници и за нова средба со руската страна во Турција. Умеров ми рече дека средбата е планирана за утре, изјави Зеленски во своето редовно видеообраќање на социјалните мрежи.
Претходно денеска, тој им се обрати и на шефовите на украинските дипломатски мисии во странство, нагласувајќи дека „потребна е поголема динамика во мировните преговори“. Според него, „вистински ефикасни разговори може да се водат само на ниво на лидери“.
Зеленски нагласи дека украинската страна има јасен дневен ред: враќање на заробеници, враќање на украинските деца киднапирани од Русија и подготовка на состанок меѓу претседателите на двете држави. Тој ги повика дипломатите да ги информираат земјите домаќини за овие цели и да обезбедат политичка поддршка за Украина.
Последните две средби во Истанбул меѓу руските и украинските делегации, одржани под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, не донесоа значителен напредок кон прекин на огнот, освен размена на заробеници и тела на загинати војници.
На претходната рунда преговори во јуни, Москва повторно излезе со максималистички барања – Украина да се откаже од четири области освен веќе анектираниот Крим, како и од западната воена помош и членството во НАТО. Киев ги отфрли условите како „ултиматуми“ и се посомнева во искреноста на Русија да постигне вистински мировен договор.
Сепак, Москва изјави дека останува отворена за разговори, откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде рок од 50 дена да постигне договор под закана од нови санкции. Паралелно, Вашингтон најави обновување на испораките на оружје за Украина.
МИА
Ново на Сител
-
71-годишен кумановец загина во сообраќајка при судар со товарно возило
-
Кривична пријава против две лица од Велешта кои му се заканувале на пратеник од Струга
-
ЦУК: 15 пожари на отворен простор, девет активни и шест под контрола
-
Од ноќеска нестабилно со пороен дожд и грмежи и услови за краткотрајно невреме, особено во четврток
-
Митевски: Најдоцна до крајот на септември зонско паркирање во Ново Лисиче и Реонски центар
-
Поевтинуваат бензините и дизелот
-
Повторно поставен споменикот на Андон Лазов-Ќосето
-
Изминатиов викенд 1148 сообраќајни прекршоци на територија на цела држава, 458 за брзо возење