Македонија
15. February 2026 - 16:31

Зелени грантови за домаќинствата и бизнисите во Босилово

Домаќинствата и малите бизниси од Општина Босилово добиваат можност за користење зелени грантови за инвестиции во обновливи извори на енергија и мерки за енергетска ефикасност.

Проектот се реализира со поддршка на програмата за развој на Обединетите нации преку Фондот за зелено финансирање и има цел да поттикне еколошки и економски одржливи решенија.

Преку мерката е предвиден неповратен грант до 30 проценти од инвестицијата. Проектот има две компоненти, за мали и средни претпријатија и за домаќинства.

Корисниците можат да инвестираат во подобрување на енергетските перформанси на домовите и деловните објекти, со што директно се намалуваат потрошувачката на енергија и трошоците за греење и ладење, а истовремено се придонесува за почиста животна средина.

Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, вели дека општината веќе реализира повеќе проекти насочени кон енергетска ефикасност, селекција на отпад и користење обновливи извори на енергија.

Според него, новата програма претставува дополнителна можност граѓаните и бизнис секторот активно да се вклучат во зелената агенда на општината.

Зелениот финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и справување со климатските промени функционира како заедничка програма на ОН во земјава, реализирана од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Меѓународна организација за миграции, Европска банка за обнова и развој, Влада на Република Македонија и домашни финансиски институции, а предвидено е да трае до 2027 година.