Македонија
20. November 2015 - 14:07

Завршна конференција на Проектот за јакнење на судството

Завршната конференција на Проектот за јакнење на судството, имплементиран од Тетра Тек ДПК денеска беше одржана во Скопје, во организација на Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).

На конференцијата беа презентирани постигнатите резултати во четирите години на постоење на Проектот, како и на претходните два проекти: Проектот за модернизација на судството од 2002 до 2007 година и Проектот за имплементација на реформите во судството од 2007 до 2011 година.

Директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн изрази задоволство од судството за партнерскиот однос, но посочи дека техничката поддршка, новата опрема, подобрувањето на условите за работа и подобрување на процесите не можат сами по себе да го постигнат она што е најважно за една силна и функционална судска власт. - Таа задача им припаѓа на лидерите во оваа област, во судовите и надвор од нив, да воспостават независно судство кое оваа држава го заслужува. Најважно од се е граѓаните на Македонија и граѓанското општество да не се задоволат со ништо помалку од ова, додаде тој.

Проектот за јакнење на судството обезбеди 4,5 милиони долари како поддршка за техничка експертиза, обуки и материјална подршка за Судскиот совет на Република Македонија, Судскиот буџетски совет, Советот на судска служба, Академијата за судии и јавни обвинители, Врховниот суд на РМ, сите судови со основна надлежност, како и професионални здруженија и невладини организации кои работат во областа на судството.

Преку оваа поддршка, како што беше истакнато од учесниците на конференцијата, Проектот му помогна на судството да воспостави ефективни системи и структури за управување, да изгради капацитети за управување и го зајакне учеството на судската власт во развивањето на закони, подзаконски акти и политики.

Со Проектот беше поддржано градењето на капацитетите на професионалните здруженија и невладините организации за застапување во реформата на судството, ефикасно да ги застапуваат интересите на нивните членови и да ја зајакнат јавната свест и учеството на граѓаните во реформите на судството и прашањата кои се однесуваат на владеењето на правото.

Стајн информира дека во рамки на Проектот бил ангажиран консултант за времетраење од една година како поддршка на судиите во Основниот суд Скопје 2 за имплементација на системот за тонско снимање на рочиштата. - Како резултат на ова 86 парнични судници во Македонија се опремени со функционални уреди кои обезбедуваат тонски записи, како и резервни копии од записите на ЦД, кои се достапни на странките и адвокатите, истакна тој.

Директорот на Мисијата на УСАИД посочи дека за само неколку години, судовите во Македонија не само што успеаја значително да го совладаат приливот на предмети, туку во меѓувреме и да работат на намалување на стари предмети. - Минатата година Европската комисија забележа дека Македонија е помеѓу оние држави кои решаваат 100 проценти од новите предмети, а и понатаму го расчистуваат заостанатите, додаде тој.

Со завршување на Проектот за јакнење на судството УСАИД и судството во Република Македонија одбележуваат 13 години партнерство.