Завршија „Златните денови“ во Кратово, викенд полн со култура и забава
Четвртите по ред „Златни денови“ завршија. Завесата е спуштена, време е за сумирање на впечатоците. Општа импресија е дека прекрасното Кратово три дена пулсираше во ритамот на музиката и забавата.
Насекаде низ градот можеа да се видат насмеани лица, разиграни гости, дојдени да уживаат во прекрасните звуци на македонската поп-дива Калиопи, на балканскиот крал на народната музика Драган Којиќ – Кеба, да се потсетат на прекрасните вонвременски хитови на „Бјело дугме“.
Годинава одлична забава за помладите приредија рок-бендот „Пеперминт“ и хип-хоп ѕвездата Слаткаристика, кои буквално ја зовреа атмосферата кај помладата популација.
Посебна приказна за време на „Златни денови“ беа полноќните луди журки на градскиот базен во Кратово, под диџејска палка на диџеј Жак.
Вообичаено, „Златни денови“ финишираат со забава за најмладите и за дечињата. Летната тераса на хотелот „Кратис“ беше претесна да ги прими децата, дојдени да уживаат во забавата со Ивце Пивце и музиката на Филип Зец.
Разладувајќи се со „Ладна“, журката кулминираше со пишување прекрасни пораки на хелиумските балони, кои децата од Кратово ги испратија во Вселената. На еден од нив пишуваше: Се гледаме догодина!!!
-
Оливер Арсовски
Сите содржини од овој новинар