Бизнис
4. May 2017 - 19:57

Заврши 4. повик на Фондот за иновациции, пристигнати 59 апликации

Вкупно 59 иновативни компании аплицирале  на четвртиот повик на Фондот за иновации. Од нив најдобрите 25 апликанти ќе добијат финансиска помош да ги реализираат своите проекти.  Кои се најдобрите иноватори ќе се знае кон крајот на јули.

ИТ секторот останува најинтересен за иновативни решенија. Вкупно 36 компании досега беа финансирани од Фондот. 

Од пристигнатите апликации  31 се од старт ап претпријатија, а 28 се за комерцијализација на иновации односно од фирми  кои имаат  речиси готов производ кој треба да го лансираат на пазарот.

- Триесет и една апликација се за старт ап претпријатија, а 28 за комерцијализација на иновации. Планирано е да поддржиме 15 „старт ап“ претпријатија со вкупно 450.000 евра, односно  по 30.000 евра од проект. За комерцијализација на иновации се планира да се доделат 10 гранта, до 100.000 евра по проект,  или вкупно милион евра, изјави денеска  директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.

Комитетот за одобрување на инвестиции составен од меѓународни експерти ќе одлучи кој ќе ги добие парите. На почетокот на септември ќе бидат потпишани договорите со фирмите.

- Ако документацијата не е целосна апликантите имаат рок од пет дена да ги достават потребните документи, по што Комитетот ќе направи претселекција и евалуација. - Оние што ќе бидат  претселектирани ќе имаат можност да ги презентираат  решенијата пред Комитетот и лично да го објаснат  тоа што е иновативно, кој е пазарниот потенцијал, каков е тимот, дали има капацитет да го спроведе и да го извезе надвор од Македонија, што е и целта на овие инструменти-да генерираме поголем  извоз и поголема конкурентност за бизнисот, рече Поповска.

Скоро половина од апликациите се од ИТ секторот, но има и апликации од фирми  во областа на медицината, дизајнот, земјоделието како и прехранбената индустрија и градежништвото.