Македонија
3. јуни 2020 - 17:06

Затворена уште една фабрика во Штип, Османи предлага „ковид координатори“ за фирмите

Седум нови позитивни случаи и 336 граѓани во самоизолација. Ваква е состојбата во „Градот под Исарот“ по избувнувањето на новото жариште на Ковид 19 во една од конфекциите. Епидемиолошката анкета покажала дека сите досега потврдени случаи се поврзани со овој кластер. Поради еден позитивен случај во уште една конфекција, 7-ма по ред, и се става клуч на врата, а 250 вработени ќе треба да останат во самоизолација до добивање на негативен тест. Епидемијата ќе трае и ќе биде присутна уште подолго време, а очигледно е дека колективните мерки не даваат резултат,  потребна е промена на стратегијата и преземање на специфични мерки, изјави денес Бујар Османи, по состанокот со општинскиот кризен штаб.

За да ги заштитиме вработените, но и за да ги заштитиме компаниите од затворање кои што ќе придонесат за значителни економски загуби, најисплатливо за сите е, доколку секоја компанија, но и државна институција, назначи Ковид-координатор, чии единствени работни задачи ќе бидат да внимава да се имплементираат протоколите- изјави Бујар Османи, координатор на општинските кризни штабови.

Приматот на борбата против заразата се спушта од централно на локално ниво, со фокус врз запирањето на ширењето на лажни вести дека вирусот не постои, заблуда кои многумина на најлош можен начин ја почувствуваа преку загуба на најблиските.

Сите да внимаваме, сите да апелираме и сите да укажеме дека болеста постои, заради тоа што навистина се сериозни последиците-изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Бројката од 76 активни случаи е голема, но поголемиот дел се лесни или асимптоматски случаи кои се резултат на масовниот скрининг на околу 600 вработени во штипските конфекции.