Застрелан ловџија во Конче, друг ловџија пукал во него од небрежност
46-годишен ловџија од селото Ракитец, општина Конче, загина откако негов колега по грешка пукал од ловечка пушка и го погодил во пределот на стомакот и раката.
Несреќата се случила вчера во атарот на селото Габревци, додека група од дванаесет ловџии ловеле дивеч без да поседуваат дневни дозволи за лов. Како што информираа од полицијата, во еден момент еден од нив испукал истрел од небрежност и го погодил својот колега.
Откако увиделе што се случило, ловџиите веднаш повикале итна медицинска помош и тргнале со возило кон Радовиш, но тој починал на пат кон болницата.
Од сите инволвирани се одземени ловечки пушки и муниција, а при претрес во домот на лицето што пукало биле пронајдени дополнителни парчиња оружје и муниција. Увид извршиле јавен обвинител и екипа од ОВР Радовиш, а телото на починатиот е предадено на обдукција.
Како што соопшти МВР, против лицето што го испукало истрелот ќе биде поднесена кривична пријава за убиство од небрежност, а против останатите учесници за незаконит лов. Едно лице ќе биде пријавено и за неовластено држење и тргување со оружје.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
