Македонија
6. October 2025 - 16:30

Засилување на вакцинацијата со МРП за да не дојде до епидемија – синхронизација на 12 закони во здравството

Организирано повикување и вакцинација за сите деца кои ги имаат пропуштено МРП и ХПВ вакцините, чиј опфат во одредени општини е драстично опаднат и е ризик од појава на епидемии. Ваков допис добиле сите здравствени установи со превентивни тимови и диспанзери, каде покрај останатото е наведено да се повикаат  првачињата за ревакцинација со МРП како и оние кои ја пропуштиле примарната доза.

Ваков заклучок е донесен на Националната комисија за имунизација за да се засили вакцинацијата кај децата. Како што е наведено во дописот, тимовите тоа треба да го направат до средината на месецот. При упис во училиште потребни се сите вакцини согласно законот, иако, пак, според Уставот, образованието е задолжително.

Поради  овие недоречености, Законот за заштита на населението од заразни болести е еден од 12-те законски решеија за кои здравствените власти најавуваат измени за да бидат синхронизирани.

-Прво имаме моменти кои не се предвидени во законската рамка и второ имаме моменти кога едниот закон предвидува нешто, а вториот предвидува друг тип или проток на процеси. Идејата е да бидат синхронизирани сите 12 закони со цел да може процесите во здравствениот систем да не се кочат. Понекогаш и законски се кочат. Овие 12 закони не се нови, туку ќе бидат обработени и адаптирани да бидат синхронизирани еден со друг, вели Азир Алиу, министер за здравство.

Во законските измени најверојатно ќе се најде и дополнителната дејност на лекарите, со нејзино допрецизирање. За овој дел има бројни реакции од пациенти дека за операции им велат дека треба да чекаат со месеци, или можат уште истиот ден попладне ама да си платат. И здравствените власти очекуваат регулирање на овој сегмент за да нема злоупотреби.

Но кога ќе бидат пакетот на законски измени не се знае бидејќи денеска почна првата јавна расправа.