Балкан
29. January 2024 - 14:27

Започна судењето на родителите на Коста Кецмановиќ

Во Вишиот суд во Белград почна судењето на таткото и мајката на Коста Кецмановиќ кој на 3 мај во ОУ „Владислав Рибникар“ уби девет деца и чувар на тоа белградско училиште. 

Во Палатата на правдата, пред која има голем број новинари, во придружба на адвокат дојде Миљана К., мајката на момчето која во овој случај е обвинета за чување и носење оружје, додека неговиот татко Владимир К. е донесен од притворот во кој се наоѓа од апсењето на 3 мај минатата година.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, пред почетокот на судењето изјави дека очекува законско и правично судење. Судот го прифати предлогот на обвинителството за исклучување на јавноста од судењето за да се заштитат правата и интересите на сите малолетни жртви во оваа постапка. Одбраната се спротивстави на тој предлог.

Обвинителството при предлогот за исклучување на јавноста зеде предвид кој е главниот интерес - дали преовладува интересот на јавноста да знае или интересот за заштита на малолетниците во оваа кривична постапка. Поради чувствителноста на оваа постапка, обвинителството смета дека главен интерес е заштитата на малолетниците.

Судот го усвои предлогот на обвинителството и покрај противењето на одбраната на обвинетите и одредени бранители на оштетените, кои побараа јавноста да присуствува на овој судски процес.

Семејствата на повредените ќе можат да присуствуваат на судењето, за разлика од новинарите или другите граѓани.