Македонија
26. May 2022 - 12:15

Започна сезоната на наводнување на земјоделските површини во Пелагонија

Започна сезоната за наводнување на земјоделските површини во Пелагонија. 

Со зголемувањето на температурите во изминатиот период и зголемувањето на потребите за вода од страна на земјоделците се започна со наводнување на земјоделските култури во Пелагонија. 

Хидросистемот „Стрежево“ е подготвен и има доволно вода, а земјоделците треба да ги пријават земјоделските култури до 20 јуни.

„Во акумулацијата има околу 90 милиони метри кубни вода со тенденција за понатамошно зголемување. Вода за наводнување имаме за сите индивидуални земјоделци како и за ЗК Пелагонија. Исто така ги имаме неопходните количини на вода за непрекинато, квантитативно покривање на потребите за водоснабдување на РЕК Битола и локалните индустриски капацитети. Вода имаме за сите оние кои што навреме ќе дојдат да ги пријават своите култури. Апелирам до земјоделците во периодот од 20 мај до 20 јуни да ги пријават своите култури, се со цел да не дојди до несакани последици“, рече Менде Граматковски, директор на ЈП Стрежево.

Апелираат и на рационално и внимателно користење на водата. Годинава од Стрежево очекуваат пелагониските земјоделците да наводнуваат поголеми површини.