Македонија
3. November 2016 - 11:28

Започна нов циклус посети на месните и урбаните заедници во општина Кисела Вода

Со посетата на Подстаница и населбата Драчево, започна новиот циклус на редовни посети на месни и урбани заедници, од страна на градоначалникот на општина Кисела Вода, заедно со Претседателот на Советот, тим од стручните служби од општината, како и претставници од јавните претпријатија на град Скопје и претставници од други приватни и државни институции кои имаат надлежност да ги решаваат проблемите со кои се соочувааат граѓаните.

Во насока на подготвувањето на новите проекти за кои ќе се предвидат средства во буџетот за 2017година, жителите на Подстаница и населбата Драчево ги презентираа своите барања и идеи кои имаат за цел подобрување на условите во кои живеат. Како што беше нагласено на средбата, општина Кисела Вода и досега имаше добра практика во прво лице да слуша од граѓаните за нивните потреби и проблеми и на тој начин побрзо да се реагира во насока на нивно надминување, а во овој период кога се подготвува буџетот за наредната година, оваа практика е уште поважна.

На средбата заеднички се дискутираше околу можностите за изнаоѓање решенија од страна на општината и другите надлежни институции, а граѓаните беа запознати и со тековните проекти и проектите кои се во план да се реализираат во следниот период. Беа опфатени теми од областа на на комуналната инфраструктура, одржувањето на уличното осветлување, уредувањето на просторот...

Посетата на месните и урбаните заедници во општината продолжува и во наредниот период. Следните средби со жителите на општината ќе бидат во месните заедници во селото Драчево и во Пинтија.