Македонија
20. July 2022 - 16:38

Запален автомобилот на пратеникот Ристески, партијата обвинува дека почнале заканите за уставните измени

Утринава околу 1.30 часот непознат сторител го запалил автомобилот „Шкода кодиак“ на прилепскиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески пред неговиот дом на улицата „Цар Самоил“. По брзата реакција на пожарникарите автомобилот бил изгаснат со што била спречена поголема трагедија огнот да ја запали и неговата куќа затоа што пламените јазици го зафатиле и блиското дрво. Од огнот е опожарен и автомобилот на таткото на Ристески марка „Пежо 206“. Ристески вели дека немал досега никакви закани од никого, ниту пак со некого бил замерен. Смета дека на некого му пречи неговата политичка активност, а особено во оваа ситуација.

 „Нема никој ниту да ме поколеба, ниту да ме уплаши во она што сум го зацртал, во моментот гледате се зборува за отворање на Уставот, кажав јасно и гласно и тогаш и по цена на мојот живот нема да го сменувам мојот став, сега уште помалку“, истакна Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од МВР излегоа со кусо соопштение дека е приведено едно лице, кое е осомничено во врска со пожарот, без да откриваат никакви други детали.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека рекоа дека ова биле чекори на заплашување поради тоа што требало да отвора Уставот како дел од „Францускиот предлог“. Случајот го осудија и од СПМ нарекувајќи го кукавички чин на немоќ на делегимитираната и отворено ненародна власт. Осуда стигна и од градоначалникот на Прилеп.

„Дали можеби ова се методите и јаловите обиди во трката за обезбедување на 2/3 мнозинство за смена на Уставот. На ваков ли начин власта ја разбира демократијата“, вели Дејан Проданоски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

„Чинот на опожарување на автомобил го сметам за  директен атак врз човекот, кој што деновиве беше еден од најголемите гласноговорници  во Собранието на Република Македонија против таканаречениот француски предлог“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Претходно и од владејачката СДСМ го осудија овој чин и ги повикаа МВР и сите надлежни институции ги во најбрз можем рок целосно да го расчистат случајот и да ги пронајдат и санкционираат сторителите.  Рекоа ии тоа дека Доколку во ВМРО-ДПМНЕ имале внатрешни проблеми тоа не било начин неосновано да се обвинува било кој.

Повеќе детали од МВР за овој случај и за тоа кој е монииот сторител на пожарот се очекуваат во текот на денот.