Македонија
24. March 2016 - 15:33

Заменик министерот Ристовски го посети тетовското ОУ „Гоце Делчев“

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски заедно со раководителот на секторот за јавни дејности при општина Тетово Ахмед Ќазими денеска го посетија основното училиште „Гоце Делчев“ каде во тек се работите за  промена на сите прозорци на училиштето, за што средства се одвоени од надлежното министерство додека локалната самоуправа паралелно врши замена на училишниот инвентар, клупи и столчиња.

- Инвестицијата за замена на прозорците во ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово чини околу осум милиони денари и според податоците што ги добивме од управата на училиштето веќе се покажуваат ефектите за подобрената енергетска ефикасност односно намалување на трошоците за затоплување што е цел што сакаме да ја постигнеме со овој зафат. Ние ќе продолжиме и понатаму да инвестираме во подобрувањето на условите за образование во Тетовско каде за изминатите десеттина години досега имаме потрошено околу петстотини  милини денари во скоро сите училишта во општина Тетово, изјави Ристовски.

Според раководителот на секторот за јавни дејности во општина Тетово Ахмед Ќазими измината 2015-та година била година на интезивни инвестиции во образовните институции и оти тоа ќе продолжи и во оваа учебна година како што покажува и промената на училишниот инвентар, клупите и сточињата, во ОУ „Гоце Делчев“.

- Ќе продолжиме со нашите заложби и инвестиции во сите училишта во ндлежност на општина Тетово со цел модернизација на објектите и подобрување на условите за следење на наставата, рече Ќазими.

Во однос на состојбите со учениците од македонска настава во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ кој година и половина учат поделени во два објекти, во основното училиште „Гоце Делчев“ и зградата на работничкиот универзитет,  заменик министерот Ристовски посочи дека многу скоро ќе биде изнајдено решение за овој просторен проблем во кое покрај урбанистичките и други стандарди ќе биде земена предвид и политиката на министерството за интегриран систем на наставата на сите ученици без разлика на нивната национална припадност.

- Неопходно е да се најдат реални услови за тоа да се реши како проблем, од една страна да се најде локација во рамки на постојниот објект, да се дефинира доколку е потребно да се догради делот од гимназијата во кој што би биле сместени учениците но истовремено, пак ќе повторам, за нас е најважно да се постигне интеграција на сите ученици заедно. Постои волја од министерството како надлежен ресор да го решиме овој проблем пред се во интерес на учениците и нивните родители и јас ве уверувам дека за истиот во најскоро време ќе имаме став и решение во однос на тоа во која форма ќе бидат интегрирани сите заедно, рече заменик министерот Ристовски.