Законските измени за фомирање здруженија го поминаа комисискиот филтер во Собранието
Измените на Законот за здруженија и на Законот за политички партии го поминаа комисискиот филтер.
На получасовна седница без расправа и амандмани, власта и опозицијата се согласија да ги донесат измените со кои се предвидува забрана за формирање правни субјекти со контроверзни имиња, а откако во земјава се регистрираа два бугарски културни клуба – “Ванчо Михајлов” во Битола и “Цар Борис Трети” во Охрид.
“Потребни се овие измени, поготово денес...”
На иницијатива на опозицијата, во новиот текст се предвидува и формирање на Комисија за употреба на имињата на историски личности, кое ќе ги оценува називите и на веќе регистрираните здруженија.
“Организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување, регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации, се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име или назив, цели и дејности, согласно со одредбите од овој закон, пред Централниот регистар”, се вели во еден од членовите.
Во текстот се додава дека тие здруженија кои нема да ги усогласат одредбите ќе бидат избришани од Регистарот. Одлука за ова носи ќе носи министерот за правда, кој ќе треба да ја даде крајната согласност и за сите идни субјекти.
На седницата пројдоа и Измените на Законот за политички партии. Во нив, по примерот на Законот за здруженија, се прецизираат причините поради кои не смее да се формира политичка групација.
“Статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост…”
Кратки забелешки на овој предлог закон имаа од опозициската ВМРО ДПМНЕ. Пратеничката Василевска побара на сличен начин да биде донесен амандман со кој земјава ќе се дистанцира од комунизмот, додека Милошоски смета дека новите одредби треба да важат и за останатите Закони кои овозможуваат здружување, како на пример Законот за трговски друштва.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
