Законот за амнестија под будно око на САД
Процесите како што е носењето на Законот за амнестија треба да бидат транспарентни и легални, порача Американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа е информирана дека законот е влезен во собраниска процедура, но не ја знае неговата содржина. За Агелер една од најважните работи што треба да ја направат политичките лидери е да ја запознаат јавноста за потребата од носењето на еден ваков закон.
,,Најважната работа за амбасадата, за САД е процесот да биде легален и транспарентен. Граѓаните во земјата треба да разберат што се случува и зошто тоа се случува и нивните избрани лидери да комуницираат со нив зошто тоа е важно. Ова не е прв Закон за амнестија, секако нема да биде последен и ние одблизу го следиме процесот за да го видиме крајниот резултат, рече Анџела Агелер, амбасадор на САД.
На новинарско прашање во врска со уставните измени Агелер со став дека лидерите на сите партии треба да ја направат вистинската работа за земјава.
,, Многу е важно за оваа земја да биде во Европската Унија. Вие веќе сте дел од Европа и тоа треба да се формализира, придвижувајќи ја земјава кон ЕУ и почнувајќи ги тие дискусии. Знам дека е тешко, но само погледнете ги овие деца, ние не сме во ЕУ, ние од САД не сме во Европа, но тоа го правите за овие деца да имаат можности и за да сакаат да останат во оваа земја кога ќе пораснат, кога ќе завршат средно училиште, кога ќе одат на факултет, тие се вашиот пример зошто тоа е важно" рече Агелер.
Амбасадорката Агелер денеска беше во посета на селото Радово во општина Босилово. Заедно со градоначалникот Ристо Манчев го посетија новиот предучилишен едукативен центар кој беше отворен во ова населено место. Проектот е реализиран со поддршка на на агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД преку програмата за развој на заедницата, а имплементиран од Мрежата за рурален развој во соработка со ЛАГ Беласица Огражден.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар