Македонија
2. December 2021 - 19:42

Загрозени работните места на 600 вработени во компаниите за кеси

Производителите на кеси велат дека ќе ги затворат погоните ако не се пролонгира примената на законот за управување на отпад, со кој се забранува употребата на пластични кеси за пазарење. Сметаат и дека кесите треба да поскапуваат постепено за да не се нанесе дополнителен финансиски удар врз граѓаните во време на пандемија и криза. Своите барања веќе ги доставиле до Министерството за животна средина.

Фирмите се соочуваат со голем пад на работата и веќе најавиле отпуштања на дел од вработените. Кесите кои сега се користат ќе може да ги произведуваат до 1 јуни 2023, а потоа ќе мора да се почитуваат повисоки стандарди за биоразградливост. Тоа, велат, ќе ги чини неколку милиони евра и дообука на вработените. Затоа бараат подолг период на адаптација.

Пазарџиите и натаму не знаат како треба да постапуваат, па и денеска не ги наплаќаа пластичните кеси. Граѓаните велат дека се навикнуваат на промените, но не сметаат дека ова значајно ќе придонесе во заштита на животната средина.

Од Министерството за животна средина појаснуваат дека мора да се биоразградливи и да се наплаќаат кесите за продажба во сите продавници, пекари, киосци за брза храна, зелени маркети и бензински станици. Целосно е забранета употребата на лесните пластични кеси потенки од 15 микрони, кои најчесто се користеа за мерење овошје и зеленчук. Надоместокот од 15 денари не важи за кесите за ѓубре ниту за кесите подебели од 50 микрони за повеќекратна употреба кои вообичаено ги даваат во книжарници, бутици, продавници за алат или електронска опрема, покуќнина, занаетчиски дуќани.