Македонија
12. April 2021 - 19:43

Заев, Села и Гаши задоволни од преговорите, тврдат дека се на чекор од конечно решение

Успешни разговори и сериозен исчекор напред кон решение за Законот за државјанство. Позитивен исход кој најавува одблокирање на собраниската работа и носење на пакетот мерки помош за граѓаните, се најавите по денешната средба меѓу премиерот и лидерите на албанската опозиција, на која тема беше проблемот со немање државјанства на над три илјади лица.

Излегоа задоволни по речиси 3-часовната средба. Не сакаа да споделуваат детали за договореното, но тројцата партиски лидери истакнаа дека решението е најдено во европските регулативи.

Тоа ќе се бара во намалување на годините потребни за стекнување на македонско државјанство, односно престојот на некое лице да се докажува со документи издадени од државните институции.

Компромис од првично најавените предлози, кој треба да доведе до финално решение до петок.

„Сега треба експертите од МВР да го стават на хартија договореното. АА и Алтернатива ќе ги известат ВМРО ДПМНЕ и Левица за договореното бидејќи тие ставија амандмани...Направивме сериозен исчекор...” рече Заев.

Проблемот нема етничка боја, а неговото решавање ќе придонесе за демократскиот имиџ на државата, рече Села. Неговиот коалиционен партнер, пак, најави поддршка за петтиот пакет мерки за економијата, доколку македонската опозиција ги повлече амандманите за Законот.

За време на средбата, од ДУИ ја повикаа албанската опозиција на конструктивност, обвинувајќи ја за манипулација.

Засега нема одговор од ВМРО ДПМНЕ и Левица дали договореното на денешната средба ќе биде доволно да ги повлечат амандманите и дали тоа ќе доведе до целосно одблокирање на Собранието и носењето на пакетот финансиска помош, со кој над 16 илјади работници ќе можат да си ја добијат платата.