Македонија
2. August 2017 - 20:08

Заев - Пенс: Македонија може да смета на САД за реформските процеси и влезот во НАТО

Американскиот потпретседател  Мајк Пенс соопшти дека Република Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази поддршка на политиките на Владата на Република Македонија и нејзините заложби за членство во НАТО, информира прес-службата на Владата на РМ за денешната билатерална средба на Заев и Пенс во Подгорица каде што попладнево заврши Самитот на земјите на Јадранската повелба.

- Ставот на претседателот на САД Доналд Трамп е дека САД стои зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО, истакнал потпретседателот Пенс, кој се интересирал за реализацијата на Планот 3-6-9 и нагласил дека е од големо значење да се обезбеди владеење на правото во Македонија.

Како што соопшти Службата за информирање во Владата, Пенс истакнал дека за САД од големо значење се демократските процеси и во делот на борбата против корупцијата, слободни медиуми, витализирање на граѓанското општество, доброто управување.

- Ставот на потпретседателот Пенс е дека премиерот Заев ги води реформските и интеграциските процеси со позитивна енергија и ентузијазам што се во согласност со потребите на регионот за нова генерација лидиери ослободени од минатото, кои гледаат во иднината на своите граѓани и својата земја, соопштува владината прес-служба. 

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска во Подгорица беше претседавач на Самитот на земјите на Јадранската повелба и кодомаќин заедно со премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ.

Во неговата делегеција беа и заменик претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска, вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски. 

- Општата оценка од Самитот е дека регионот покажува голема меѓусебна солидарност, што ја има поддршката од Соединените Американски Држави коишто, како што пренесе и потпретседателот Пенс, стојат заедно со Република Македонија и со сите земји членки и набљудувачи на Јадранската група во стабилноста, просперитетот и евроатлантските интеграции, наведува Владата во соопштението.