Македонија
8. August 2021 - 13:01

Заев: Новите рестриктивни мерки од 15 август во интерес на колективно здравје на граѓаните

 Воведувањето на рестриктивните мерки од 15 август се важни за на 1 септември децата да почнат на училиште, да имаме успешен попис, да завршат локалните изборите како што треба, порача премиерот Зоран Заев при обиколката на терен од беровското село Будинарци, каде што се стационирани сите сили за гаснење на пожарите во Малешевскиот регион.

Владата донесе одлука за воведување на нови рестриктивни мерки, со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот и  забрзано да не се полнат болниците низ земјава. Премиерот, Заев истакна дека на угостителските објекти им е оставен простор од осум дена да се реорганизираат, бидејќи овој период е на организирање на свадби и веселби со доаѓањето на печалбарите во земјава.

-Значи прослави по 15 нема на затворено, а на отворено и на затворено, коишто ќе работат сите угостителски објекти, театри, концерти, одредени културни настани, семинари или било што ќе може да присуствуваат граѓани, кои што имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина. Јасно е дека преку со тоа е испратено пораката за вакцинација и ги поттикнуваме граѓаните да се вакцинираат. Зошто? Заради тоа што тоа е само единствениот лек и начин да се избориме со оваа пандемија, рече Заев.

Посочи дека ограничување на движење, односно полициски час нема да има, но секој којшто не е вакциниран нема да може да оди во  кафетерија, театар, концерт или друг настан. Заев забележа дека на тој начин државата се грижи за колективното здравје на граѓаните, а ќе се применуваат мерки, кои веќе важат во европските земји.