Заев најавува градење заеднички ставови, Османи дека нема да се менува Законот за јазици
Градење на заеднички ставови за препораките на Венецијанската комисија со цел тие да имаат соодветна примена, најавува премиерот Зоран Заев. Од друга страна, вицепремиерот Бујар Османи вели дека ќе се почитуваат препораките преку создавање на капацитети со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството.
Заев вчера најави дека до крајот на неделата ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да може да се усогласи заедничко решение.
– Овој закон е една од алките што не спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина градејќи заеднички ставови и сите препораки кои ги кажува Венецијанската комисија да дојдат до светлото на денот, односно да имаат своја соодветна примена. Веќе до крајот на неделата кај мене ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можеме да го усогласиме ваквото решение за навистина препораките од Венецијанската комисија да го добијат она за кое што со причина укажуваат, а тоа е растење на капацитетите на самите институции заради примената. Верувам дека токму тоа ќе биде во заеднички дух, онака како што имаме намера заеднички да го прифатиме, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања.
Вицепремиерот Османи, пак, смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку дека треба да се најдат начини за спроведување на мислењето на Венецијанската комисија. Најавува добри акциони планови за да се создадат капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвика никакви проблеми во судството.
– Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава, рече вчера Османи.
Од друга страна, пратеникот на ДУИ Артан Груби гостувајќи во емисија на телевизија Телма обелодени дека договорот бил да се испратат на мислење пред Венецијанската комисија само делови од Законот.
– Коалицискиот договор беше да се однесат во Венецијанската комисија само деловите од членот 8, параграф 1 кој се однесуваше на парите, униформите и хартиите од вредност и мислење да се добие од Венецијанската комисија само по тој параграф, рече Груби, додавајќи дека ДУИ не е согласна целиот закон да се разгледува во Венецијанската комисија бидејќи законот одредува материја од Охридскиот рамковен договор и го заокружува нормативниот дел.
Според него, нема критики, туку препораки од Венецијанската комисија за зајакнување на капацитетите на институциите да го спроведуваат Законот.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, препораките од Венецијанската комисија се меѓународна шлаканица за коалицијата на власт. Оттаму најавуваат амандмани на Законот за употреба на јазиците.
Ново на Сител
-
Ненад Димитријевиќ прогласен за МВП во ВТБ лигата
-
Од денеска поскапува регистрацијата на возилата
-
Мета: Победата на професорката Давкова ќе биде уште поубедлива
-
Протести во Венеција против туристичката такса - Судир на полицијата со демонстрантите
-
Кривична пријава за жител на Росоман за посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи
-
Таравари демантира дека вчера имал тајна средба со Ахмети, на која добил понуда од него
-
Во германските продавници пронајдени се над сто килограми кокаин во пратките со банани
-
Тошковски во посета на ЕВР Центар и Бит Пазар