Македонија
13. јуни 2020 - 16:37

Заев го нуди 8 јули како краен датум за избори - ВМРО-ДПМНЕ бара исполнување повеќе услови пред датумот

Среда, 8 јули е датумот за избори кој јавно му го нуди лидерот на СДСМ Зоран Заев на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Мицкоски има време до полноќ да се произнесе за ова со цел, како што вели Заев, да се продложи вонредната состојба која истекува на полноќ за уште три дена, па согласно уредбата за избори наместо на 5ти, изборите да бидат на 8 јули. Понудата на Заев стигнува само по 12 часа од неуспешната лидерска средба што тој и Мицкоски ја има кај шефот на државата, а по која се договорија да ја продолжат меѓусебната комуникација.

Партиски извори пак, коментираат дека на лидерската средба како можни датуми за скорешни избори се споменувале и 19 и 22 јули.

Опозициската партија уште пред неколку дена ги одбиваше овие датуми како несоодветни на здравствената ситуација во државата со КОВИД 19. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев ја втурнува државата во нова политичка криза со барањето за брзи избори. Нивните услови за договор за избори од опозициската партија се заштита на здравјето на граѓаните, целосна набљудувачка мисија од ОБСЕ и прочистен Избирачки список.

Од ДУИ пак, реагираат на тоа дека на вчерашната средба немало ниту еден преставник Албанец. Остануваат на ставот дека изборите треба да бидат договорени по пат на консензус на сите политички чинители.

Техничкиот премиер пак, испраќа порака дека од утре без договор на Заев и Мицкоски на сила стапува уредбата за избори, според која имаа 22 дена до денот на изборите.

Пендаровски вчера рече дека нема намера да ја продолжува вонредната состојба по петти пат, но и дека во случај на договор меѓу Заев и Мицкоски различен од 5 јули, тој  е подготвен ВЕДНАШ  да прогласи ад хок вонредна состојба за да се донесат потребните уредби за новиот изборен датум.

Дополнително, и без ваков договор датумот на изборите може да се помести со уште две наменски кратки вонредни состојби од по неколку дена, што ги најави шефот на државата. Првата во текот на наредната недела за да се овозможи на владата да донесе уредба за испраќање на војници во мировна мисија. Втората некаде кон крајот на месецот, за да може да се продолжи кризната состојба на јужната граница поради мигрантите.