Македонија
13. March 2018 - 10:51

Заев: Дополнителни сто милиони евра за рамномерен регионален развој

Сакаме целосно да го спроведеме Законот за рамномерен регионален развој, кој значи сто милиони евра дополнителни пари на општините од она што досега државата го спроведувала и од она што треба дополнително да го обезбедиме како обем, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

- Тоа значи дека во иднина, штом ќе бидат подготвени капацитетите на општините, а се надевам до крајот на 2018 година дека ќе бидат подготвени, ќе се пренесат капиталните инвестиции за изградба на основни и средни училишта од Министерството за образование и наука на општините. Изградбата на градинките, дел од здравствените домови како примарна и превентивна здравствена заштита, веројатно и најголем дел од домовите на култура, освен оние што се од национален интерес кои ќе бидат задржани. Огромен процент на домови на култура се уште се под Министерството за култура и тие треба да бидат симнати на локално ниво, рече Заев по потпишувањето Договор меѓу Министерството за транспорт и врски и ЗЕЛС за пренесување на правото на трајно користење, управување и одржување на информацискиот систем www.gradezno-zemiste.mk.

Премиерот појасни дека планираат да го пренесат на локално ниво управувањето на шумите и на земјоделското земјиште, како и во делот изградба на патиштата во РМ со цел да се зајакне финансискиот капацитет за изградба на локалните патишта каде се надлежни самите општини, а посебно, рече, дури и регионалните патишта кои имаат регионален аспект, односно важност за еден од осумте плански региони.

- Конечна цел е да ги пренесеме овие огромни суми на пари од сто милиони евра. Со овие многу значајни институции во Република Македонија, граѓаните да почувствуваат унапредување на услугите и унапредување на квалитетот на развојот на инфраструктурата, а не да биде кочница заради тоа што имаме и мали општини со помал капацитет за кои ќе им треба организација во делот на проектирање, имплементирање на одредени конкретни инфраструктурни проекти, но и организација во делот на менаџментот на одредени институции, рече Заев.

Премиерот најави дека размислуваат и во делот на социјалната политика, односно за центрите за социјална работа. Според него, ако се одлучува на локално ниво за центрите за социјална работа, тогаш тие ќе бидат многу потранспарентни, а парите навистина ќе стигнат кај ранливите категории на граѓани.

- Тоа во суштина значи дека ќе имаме потранспарентен процес, демократичноста во државата ќе се зголеми, но и ќе значи заштеда на пари за граѓаните на Република Македонија, рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање што се случи со идејата за Владата да се задолжува во име на општината, тој рече дека работат на тоа и оти ги чекаат понудите од банките.

- За нас е многу важно да добиеме колку што е можно пониски каматни стапки и да добиеме можност по пат на преговарање за исплата на сите тие долгови кои општините ги имаат кон добавувачите и да добиеме подобри услови, рече Заев.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе можат да соопштат конечно која е одлуката околу тоа како ќе го исфинансираат тој дел. Одлуката, како што рече, е веќе донесена за државата да подигне кредит, буквално го пренесе на општините да ги исплатат своите обврски кон добавувачите, некаде околу 120 милиони евра, а самиот кредит го враќаат општините на еден подолг рок од 15 или 20 години со пониски каматни стапки. Очекуваме  два, два и пол, три насто каматни стапки кои за сметка на денешните 13 отсто кои ги плаќаат како затезни камати општините за сите долгови коишто се доспеани према нив.

- Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растовариме општините, ќе им дадеме ветер во грб за нивното унапредување во иднина, но исто така овие пари стигнуваат и до домашните компании на кои им должат општините. Истовремено свесни сме дека парите ќе се искористат за нови инвестиции во Република Македонија, рече Заев.

Додека дека чекаат понуди и од меѓународни институции и се разговара со домашните банки ако се подготвени да направат конзорциум на понуда со таква сума, од околу 120 милиони евра и доколку бидат конкурентни на меѓународните банки, додаде Заев, тогаш би ги избрале токму домашните банки.

- Долгот на општините е преку 95 отсто кон домашните компании кои работеле за сметка и во име на општините, рече Заев.