Македонија
20. May 2017 - 12:55

Заедничка изложба на ДЛУП и 80-годишен јубилеј

Во ликовната галерија на Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа со заедничка изложба пред публиката се претстави Друштвото на ликовните уметници на Прилеп. На изложбата со 20-ина дела, слики и скулптури се претставија 11 прилепски уметници.

 
Според претседателот на друштвото Тони Чатлески, прилепското е најстаро здружение во Македонија формирано 1937 година и годинава бележи 80-годишен јубилеј.
 
- Друштвото на ликовните уметници на Прилеп е најстарото во Македонија и ние сме горди на јубилејот. Уште повеќе што прилепските уметници низ децениите извршиле големо влијание во современата ликовна уметност кај нас. Од Прилеп потекнуваат познати ликовни имиња како Борко Лазески, Миле Корубин и многу други оставајќи длабоки траги во нашата уметност. Освен тоа, во 1946 година, токму во Прилеп е формирано и Друштвото на ликовните уметници на Македонија со првиот претседател Никола Мартиноски. Денеска прилепското друштво брои 30-ина членови. Има прекини во работата низ децениите, но сега имаме и голем брј аматери. Годинава ќе правиме уште една заедничка изложба, поширока, заедно со аматерите, вели Чатлески.
 
Прилепските уметници нагласуваат дека во своите дела ги изразуваат чувствата и личните размислувања и на тој начин ги споделуваат и со публиката.
 
- Моја преокупација е женскиот акт. Така јас ја изразувам својата приказна, своите  размислувања, вели Билјана Бинче, сликар.
 
-За мене предизвик е скулптурата зашто е дело во три димензии. Главно работам скулптури во метар, вели скулпторот Марјан Стојаноски.
 
Ова е прва заедничка изложба на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп која финансиски ја поддржа Министерството за култура.